Папата ја “оживува“ мисата на латински
7 јули 2007Папата Бенедикт 16-ти и‘ го отвори повторно патот на мисата на латински јазик. Доколку група верници побараат целата миса да се служи во традиционалниот облик, каде и проповедта и молитвите се на латински, тогаш свештеникот треба тоа да го одобри – се вели во денеска објавеното апостолско писмо на Поглаварот на Католичката црква.
Сегашниот ритуал, каде проповедта и молитвите се држат на јазикот на верниците, останува и понатаму главен и редовен облик на католичката миса. Повторното отворање кон традиционалниот облик во секој случај не смее да води кон раскол во Црквата – се нагласува во апостолското писание на Бенедикт 16-ти. Тоа е само излегување пресрет на оние малубројни верници, кои се чувствуваат приврзани кон старата миса на латински. Во објаснувањето, Папата уште појаснува дека и самиот бил сведок на разни девијации во литургиската практика, кога некои свешетници на Католичката црква се чуствувале повикани да бидат многу креативни и со тоа го нарушиле усталениот, традиционален ритуал на мисата. Затоа овој чин според него е чекор за внатрешно помирување меѓу традционалните и либералните кругови во Црквата.
Папата не сака да предизвика никаква револуција со овој чекор, ниту пак да исчекори на назад во минатото и со тоа да го поткопа авторитетот на Вториот Ватинаксии Концил од 60-тите години, кога како главен облик беше воведена мисата на народен јазик на верниците. Тоа е и понатаму главна потреба на најголемиот дел католички верници ширум светот. Мисата на латински бара добри познавања на овој изумрен јазик, како и одлични познавања на црквеното учење, што е привилегија на многу мало малцинство во Католичката црква.