1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата предупреди од опасноста од технички напредок без верба во Бога

ЕМФ/СН/кна/епд/дпа8 април 2012

Папата Бенедикт Шеснаесетти денеска (08.04) во Рим пред десетици илјади верници ќе ја даде велигденската порака и благослов „Урби ет орби“.

https://p.dw.com/p/14ZUB
Фотографија: Reuters

Папата Бенедикт Шеснаесетти за време на мисата во текот на ноќта предупреди дека е неопходно да се има критичен приод кон техничкиот напредок на светот. Верата е вистинското просветлување, изјави поглаварот на Римокатоличката црква во својата молитва во базиликата Свети Петар во Рим. „Во делот на материјалните добра можеме и знаеме неверојатно многу, нашето знаење и нашите постигнувања се големи, но веќе не можеме да го идентификуваме она што излегува од тие граници, Господ и доброто“, рече Бенедикт, потенцирајќи дека ако доброто и злото не можат да се разликуваат „сите просветлувања кои овозможуваат неверојатни знаења и можности стануваат не само напредок, туку и закана која го доведува светот во опасност“.

Папата нагласи дека не треба да се имаат преголеми очекувања од природните науки. Тие не можат да осознаат „каде оди светот и од каде доаѓа„. Тој Велигден го нарече „празник на новосоздание“. Исус со својата смрт и воскреснувањето „отвори врата кон нов живот, кој не знае за болест и смрт“, рече Бенедикт Шеснаесетти.

Во текот на повеќечасовната церемонија осуммина возрасни од Германија, Туркменистан, Албанија, Камерун, Италија, Словачка и САД и‘ пристапија на католичката црква.

Ostern Osternacht Papst Benedikt XVI.
Папата бара да се разликува доброто од злотоФотографија: Reuters

Цолич во Велигденската молитва зборува за мировните движења

По повод Велигден, свои молитви и пораки испратија и првите луѓе на католичката и евангелистичката црква во Германија. Претседателот на католичката Германска бискупска конференција Роберт Цолич во својата молитва зборува за мировните движења во Северна Африка и земјите на Блискиот исток. „Се‘ поголем е бројот на луѓето кои во еден глобализиран свет веќе не се потчинуваат на диктатури. Тие отфрлаат експлоатација, покажуваат отпор кога нивните основни права на слобода се загрозени“, вели Цолич. Велигден, „празникот на воскресението“, е најголемото движење за слобода во светската историја, нагласува Цолич.

Претседателот на Советот на Евангелистичката црква во Германија Николаус Шнајдер во својата велигденска молитва повикува на ангажман за праведност. „Господ носи праведност во еден свет во кој сиромашните се експлоатирани од страна на богатите.“ Христијаните мора да носат надеж онаму кадешто луѓето се обесхрабрени, бара Шнајдер, додавајќи: „Онаму кадешто разочарувањето поради состојбата во Германија, Европа и светот води до апатија и цинизам“.