080509 Papst Amman
9 мај 2009Бенедикт шеснаесетти вчера попладне беше во посета на јорданското кралско семејство. Во знак на особена чест, кралицата Ранија и кралот Абдула втори го пречекаа гостинот од Ватикан уште на аеродромот во Аман. Кралот уште во неговиот поздравен говор стави јасно до знаење што очекува од посетата на папата: „Вредностите што ги делиме можат да бидат важен придонес за светата земја. Мораме заеднички да ги отстраниме сенките на конфликтот настанат поради планираната доселеничка политика. На Палестинците мора да им се признае слобода и сувереност, а на Израел - безбедност. Ерусалим е наш заеднички проблем. Мора да обезбедиме светиот град да биде место за молитва за сите.“
Според кралот Абдула втори, потребен е глобален дијалог на меѓусебно разбирање и добра волја.
Дводимензионална посета на папата
Иако папата постојано повторува дека во Светата земја доаѓа на аџилак - за време на летот повтори дека црквата не е политичка сила - сепак неговата посета е дводимензионална и политичкиот аспект, оптоварен од аферата Вилијамсон и говорот во Регенсбург, е се разбира важен дел на посетата. Бенедикт шеснаесетти се залага за тоа - неговата посета да му даде натамошни импулси на меѓурелигискиот дијалог: „Мојата посета на Јордан ми дава можност да го потврдам моето најдлабоко почитување на муслиманската заедница и да ја пофалам водечката улога на кралот кој се залага за подобро разбирање на вредностите на кои учи исламот.“
Бенедикт е трет папа во новата историја кој е во посета на Јордан. Неговиот претходник Јован Павле втори беше во Јордан пред девет години. За разлика од него, Бенедикт не останува еден, туку четири дена. За него е ова прво патување во една арапска земја.
Автор: Штефан Трендле
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска