1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата ги поддржа младите во барањата за промени

СН/АМ/ап/ртр/дпа28 јули 2013

Папата Франциско ја завршува посетата на Бразил и се враќа во Ватикан. На неговата завршна миса денеска во најбројната католичка земја во светот се очекуваат три милиони верници.

https://p.dw.com/p/19FN0
Фотографија: REUTERS

Папата Франциско ја следеше вчерашната процесија на Тажниот пат, во спомен на Исусовите маки од моментот кога е осуден на смрт до положувањето на неговото тело во гроб, која беше одржана на плажата Копакабана во Рио де Женеиро.

Процесијата беше едно од главните случувања на Светскиот ден на младите, кое требаше да ги потсети младите католици на корените на нивната вера оти Исус умрел за да ги искупи нивните гревови.

Тоа е пораката на која Франциско настојуваше да укаже во обраќањето на собраните верници, на кои им кажа дека Исус ги носи сите страдања во светот: семејствата чии деца паѓаат како жртви на „лажниот рај“ - дрогата, гладните „во свет во кој секојдневно се фрлаат тони храна“, на оние кои се прогонувани поради верата, убедувањата „или едноставно поради бојата на кожата“.

„Исус е здружен со толку голем број млади кои изгубиле вера во политичките институции, бидејќи во нив гледаат само себичност и корупција“, рече Франциско како уште една алузија за насилните демонстрации кои минатиот месец избија во Бразил против корупцијата и неефикасноста на државните институции.

Weltjugendtrag 2013 Rio de Janeiro Papst Franziskus Menschenmenge
Фотографија: picture-alliance/dpa

Папата на собраните 2 милиони верници, меѓу нив најголем број млади, уште им порача:

„ Младите луѓе на улица се оние кои сакаат да бидат актери на промените. Немојте да дозволите други да бидат актери на промените“.

Франциско вчера го започна денот со слушање на исповедите на петмина млади аџии во паркот во Рио. Градоначалникот на бразилската метропола во меѓувреме најави дека очекува најмалку три милиони верници да учествуваат на денешната миса со која ќе биде завршена повеќедневната посета на папата на Бразил.

Посетата на земјата со најбројно католичко население во светот беше прво патување во странство на ппата Франциско во неговиот понтификат.