1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата ги живее последните мигови

2 април 2005

Папата Јован Павле Втори ги живее последните мигови. Илјадници верници ширум светот се собрани пред црквите и катедралите и се молат за здравјето на Римокатоличкиот поглавар, чии животни функии полека откажуваат.

https://p.dw.com/p/AcGO
Верниците ширум светот се молат за Папата
Верниците ширум светот се молат за ПапатаФотографија: AP

,, Не се плашете да му ги отворите вратите на Христос, отпатувајте со него “.

Многумина се сеќаваат на првиот говор на Папата од далечната 1978 година, кога тој и официјално стана духовен водач на над милијарда верници ширум светот. Токму таа негова мисла ги храбри илјадниците луѓе, кои по веста дека 84- годишниот Папа поради нарушеното здравје е блиску до смртта, се собраа пред храмовите ширум светот за да се помолат за неговиот душевен мир.

Околу 70 илјади луѓе ја поминаа ноќта на плоштадот Св. Петар во Рим, каде што Јован Павле Втори секоја недела од својот прозорец ги поздравуваше и ги благословуваше верниците. Во Ватикан е затворена големата златна порта, што се толкува како крај на животниот пат на Папата. Таму стигнаа и кардиналот Камиљо Руини и деканот на колегиумот на кардиналот Јозеф Рајцингер, кои според црковните канони треба и официјално да ја соопштат смртта на римокатоличкиот поглавар и да му го извадат прстенот на рибарите, што ја симболизира неговата моќ. Светата столица соопшти дека тој и натаму се бори за животот во својата соба во Ватикан, бидејќи срцето и бубрезите полека му откажуваат.

Многу загрижени верници дојдоа пред централниот храм во Москва, катедралата во Келн и други цркви ширум светот за да бидат поблиску до Папата кога тој ќе замине во неговиот вечен дом. Сите со убави сеќавања за римокатоличкиот поглавар.

,, Мислам дека тој човек направи многу, многу, многу за нашата црква. Тој е огромен пример за младите во светот,“ изјави една жена од Мајнц. Едно младо момче од Словачка, кое имало прилика да се сретне со Папата, посочи:

,, По средбата со Светиот Отец ми стана јасно дека не сме сами на овој свет. Тој беше симбол, доказ за нашата верба.“

,, Треба да се надеваме дека Господ секогаш ќе се грижи за него. Тој нема да страда. Затоа и ги замолив сите луѓе да се молат. Многумина го сакаа Светиот Отец, не само Католиците,, посочи надбискупот од Вашингтон, Теодор Меккарик.

И светските лидери сочувствуваат со тешко болниот папа. Дури и Кина, која не им дозволува на своите католички верници да ги признаат властите во Ватикан, изрази загриженост за здравјето на Папата и соопшти дека се надева оти тој ќе оздраве. Претседателот на САД Џорџ Буш и неговата сопруга Лора се молат за Папата Јован Павле Втори, соопшти Белата куќа. Италијанскиот премиер Силвио Берлускони ги откажа сите планирани активности за да ја следи здравствената состојба на Римокатоличкиот поглавар, која значително се влоши во четртокот вечерта, кога поради уринарна инфекција доби сепса, а потоа и срцев удар.