1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Панета: Не договараме напад врз Иран

БГ/миа1 август 2012

Американскиот секретар за одбрана демантираше дека со Израел ќе разговара за напади врз исламската држава. Вашингтон ги засили санкциите против Иран.

https://p.dw.com/p/15hUE
Панета при посетата во КаироФотографија: Reuters

Американскиот државен секретар за одбрана, Лион Панета ги демантираше пишувањата на медиумите според кои во текот на неговата куса посета на Израел би можело да се разговара за планови за можен воен напад врз Иран.

На прес-конференцијата одржана во египетската престолнина Каиро во вторникот доцна навечер, кусо време пред неговото заминување за Израел, Лион Панета изјави дека со израелските челници ќе разговара за разни теми и обврски, но дека на средбите нема да стане збор за специфични воени планови во врска со Иран.

Инаку, САД синоќа објавија дека ги заоструваат санкциите против Иран, особено концетрирајќи се на финансискиот и на нафтениот сектор во Исламската Република, поради нејзиното „непочитување на меѓународните обврски“, објави во вторникот Белата куќа.

„Откако дојдовме на власт јасно и’ ставивме на знаење на иранската власт дека има можност за избор: да ги почитува меѓународните обврски и да им се придружи на напорите на другите земји или, во спротивно, дека ризикува уште потешки псоледици“, се наведува во писмената изјава на американскиот претседател Барак Обама.

Претседателот Обама го потпишал декретот со кој на иранскиот нафтен и петрохемиски сектор му се наметнуваат нови санкции, за да се спречи „Иран да воспостави механизам за плаќање наменет за купување на иранската нафта, заобиколувајќи ги притоа постојните санкции“, се додава во соопштението на Белата куќа.