1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пандорината кутија во преговорите со Бугарија

ДТЗ
22 април 2022

Веќе подолго време се кршат копјата околу влегувањето на Бугарите во Уставот. Но, како се затемнува облакот врз односите со Софија, така се наметнува дилемата - има ли крај на условувањата?

https://p.dw.com/p/4AIUp
Nordmazedonien- Bulgarien |  Kiril Petkov und Dimitar Kovacevski in Sofia
Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Може да се разговара за внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, но нема гаранции дека следната бугарска влада нема да постави нови барања. Оваа изјава на македонскиот претседател Стево Пендаровски, со која тој ги потврдува сериозните дилеми кои се отворија во јавноста дека нема гаранции оти ова ќе биде последното барање на Софија, предизвика голем интерес во Бугарија. Медиумите ја пренесуваат во целост, со оглед на прашината која што се крена по неодамнешната прослава организирана во Битола од страна на здружението со спорно име „Иван Михајлов“.

„Никој не може да гарантира колку време актуелната политичка гарнитура во Бугарија ќе се одржи на власт и какви следни барања од нас би можела да има некоја наредна. Малкумина се оние кои ќе ви потврдат дека владата на Кирил Петков може да издржи 7-8 години, до нашиот формален влез во ЕУ. Од кого да бараме такви гаранции? Политика е ова. Следната влада ќе рече – ова што потпишала претходната влада, биле предавници на нашата кауза, не нѐ интересира. И? Не можеме да го отвораме Уставот по потреба, секој понеделник“, вели Пендаровски.

Пресврт во барањата

Тој укажува дека се случи пресврт во барањата на Софија во врска со македонската интеграција во ЕУ. Бугарија, за да даде зелено светло на преговарачката рамка, претходно инсистирала на комплетно преземање на бугарската историографија во македонските учебници и согласност дека македонскиот јазик бил дијалект на бугарскиот до крајот на Втората светска војна.

„Сфаќајќи дека тоа не проаѓа, просто не е европска приказна, тоа не е европски аргумент, не е аргумент за Европа, не е аргумент за една демократска дебата, тие почнаа тогаш да зборуваат за Бугарите да бидат внесени во Уставот, како некаква гаранција за нивните права и нивниот статус тука, во Северна Македонија“, вели Пендаровски. 

Nord-Mazedonien Skopje | Staatspräsident  - Stevo Pendarovski
Може да се разговара за внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, но нема гаранции дека следната бугарска влада нема да постави нови барања, вели ПендаровскиФотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Идејата за внесување на Бугарите во Уставот, шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи за првпат јавно ја спомена во март 2021 година. Потоа во јули минатата година и техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев јавно проговори за идејата. Изминатиот период и во Скопје и во Софија често се водеа дебати околу оваа тема. Токму Пендаровски беше првиот кој му порача на Османи дека нема потреба од измена на Уставот

-повеќе на темата: Пендаровски контра Османи: Нема потреба од измени на Уставот

„Такво нешто ниту е побарано од бугарска страна, ниту претседателот очекува воопшто да се случи, затоа што усвојувањето и евентуалните амандмани на Уставот се исклучиво наше суверено право и надлежност. Во овој момент, претседателот не гледа никаква потреба за какви било измени на Уставот“, порачаа од кабинетот на Претседателот на 5 март 2021 година.

Во меѓувреме топката почнаа да ја спуштаат двете страни, па како што се затоплуваа односите, така зачестија и пораките на македонските политичари дека нема пречка Бугарите да влезат во Уставот, но тогаш кога ќе се отвори, непосредно пред влезот во ЕУ. Дилемата која што ја посочува и Пендаровски со најновата изјава е дали тоа ќе биде последното барање на официјална Софија, особено додека траат преговорите за членство меѓу Скопје и Брисел. „Во моментов не изгледа така, меѓутоа јас тврдам дека има речиси стопроцентен политички консензус меѓу власта и опозицијата, барем она што го слушам од јавните изјави на главните актери, бугарската заедница да биде внесена во Преамбулата на Уставот“, вели Претседателот.  Тој се надева дека спорот со Бугарија нема да доживее грчко сценарио и да трае со години.

За и против

Малинка Ристевска Јорданова, член на Управниот одбор на Институтот за европска политика (ЕПИ) неодамна во телевизиско гостување го изнесе ставот Уставот на државата да не се отвора пред почетокот на пристапните преговори со Европската Унија.

„Зошто НЕ за отворање на Уставот сега, на почетокот? Затоа што Бугарија сега тоа го бара како нејзино барање кон нас и ЕУ од нормативни причини, но и од практично-политички причини не може да направи таков преседан и да каже - ќе ги внесете Бугарите во Уставот, или ние сме гарант за тоа. Значи единствен начин на кој што Бугарија може да го постигне тоа е ние самите, доброволно да си го смениме Уставот“, изјави вели Ристевска Јорданова во емисијата Топ тема на ТВ Телма.

Според неа, единствено доколку Бугарија се откаже од претходните позиции, па се преговара за нешто ново, би можело да се разговара за некаков нов исход, а доколку не се повлечат од своите позиции, тоа значи дека тие го негираат македонскиот идентитет.

Црвени линии

Институтот за европска политика-Скопје и Институт за демократија „Социетас Цивилис“ неодамна ги анализираа црвените линии кои не смеат да се преминат во преговорите со Софија. Притоа посочија дека македонската држава никогаш не смее да поддржи преговарачки процес со ЕУ, кој ќе стане основа на разнебитување на македонската државност, загрозувајќи ја внатрешната и регионалната стабилност со несогледливи последици. Обврските кои С. Македонија ќе ги преземе неповратно ќе ја определат иднината на земјата и улогата во ЕУ. Со прифаќањето на бугарските барања, тие стануваат дел од пристапниот договор на државата со ЕУ, ако и кога ќе дојде тој момент.

Nordmazedoniens Außenminister Bujar Osmani während der „Economist“ Westbalkan Konferenz
„Преку внесување на Бугарите во нашиот Устав тие ќе добијат можност да ги изразат својот идентитет и културните и историските атрибути“, порача минатата година ОсманиФотографија: Reg. Nordmazedonien

Во анализата се укажува дека С. Македонија треба да се воздржи од започнување преговори со ЕУ по секоја цена, позиција што остава простор за преговарачкиот процес, што е алатка за идентитетски и историски ревизии. „Во моментов, нема никаква гаранција дека и покрај веќе направените и најавените концесии, државата ќе стане членка на ЕУ. Меѓу државите членки на ЕУ, нема реален консензус за зачленувањето на шесте држави од Западниот Балкан, додека не заврши или барем паралелно не се одвива и внатрешната реформа во Унијата“, се вели во документот. 

-повеќе на темата: Ковачевски: Се разбудија духовите од минатото

Какво и да е решението со Бугарија, тоа мора да биде врзано исклучително со крајот на пристапниот процес, по ратификацијата на пристапниот договор меѓу ЕУ и С. Македонија од сите субјекти, вклучувајќи го и евентуалното внесување бугарско малцинство во Уставот. Решението, исто така, треба да спречи можност за нови блокади на преговорите од страна на Бугарија врз основа на нејзиното толкување на Договорот. Тоа треба да има и широка поддршка од јавноста и политичките субјекти и да ги гарантира придобивките од Преспанскиот договор, се посочува во документот. 

Реципроцитет

Павле Трајанов, лидер на Демократски сојуз и пратеник, деновиве побара реципроцитет - Бугарите да влезат во македонскиот Устав, но истото да се случи и со Македонците во Бугарија. „Бараме реципроцитет во врска со прашањето за малцинствата во двете земји“, вели Трајанов. Ваквото барање бугарската страна го отфрла како невозможно, со оглед на тоа дека во бугарскиот Устав нема малцинства. 

„Бугарскиот Устав почива на целосно друг принцип, на индивидуалното право, а не на колективното. Ние немаме малцинства во нашата земја, тоа така стои во законот“, порача потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, при посетата на Охрид на 17 април. На тој начин Софија топката ја префрла во Скопје, каде по последното заладување на односите, расте стравот што се може да излезе од Пандорината кутија.