1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

071009 Berlin Mauerfall

9 ноември 2009

На денешен 9 ноември 1989 година се случи она, во што тукуречи никој не можеше да поверува, ни во тогашна Источна, ни во Западна Германија. Како никогаш и да не постоел, падна Берлинскиот ѕид.

https://p.dw.com/p/KQEw
На радоста и’ немаше крај: Берлинчани на Ѕидот по паѓањетоФотографија: AP

Деветти ноември 1989 година, 19 часот, време за вести. Милиони луѓе од Источна и од Западна Германија седат како и секоја вечер пред телевизорите. Веќе со денови, во емисиите големо внимание и’ се придава на внатрешнополитичката ситуација во ГДР. Веќе со месеци нејзини граѓани на улиците бараат слобода за патување, повеќе демократија и отвореност за реформи во социјалистичката држава. Во тие јавни барања не менува ништо ни повлекувањето на шефот на државата и партијата, Ерих Хонекер, чии функции ги презеде Егон Кренц. Но, ни новиот човек на кормилото не успева да го смири незадоволството и да ја придобие довербата на граѓаните од источно-германската творба. На историскиот 9 ноември, раководството донесува одлука за нов закон за патување, кој требаше да го намали притисокот и да ја стабилизира ситуацијата.

Портпаролот на владата Гинтер Шабовски ја држи редовната прес- конференција во западен стил и речиси попатно информира и за новиот закон за патување: „... донесе одлука, којашто му овозможува на секој граѓанин на ГДР да патува преку граничните премини на земјата...“

Günter Schabowski bei der Pressekonferenz am 09.11.1989
Историската конференција на Гинтер ШабовскиФотографија: picture-alliance/ dpa

Кога на тоа доаѓа прашањето на еден италијански новинар, од кога треба да важи новата уредба, очигледно погрешно информираниот Шабовски вели дека новиот закон стапува на сила веднаш.

Молскавична брзина

Сензационалната вест се шири по целата Земјина топка во рок од само неколку минути. Цели 28 години по подигањето, Берлинскиот ѕид едноставно го нема повеќе. За првпат по речиси три децении, граѓаните на ГДР можат да отпатуваат во СРГ без бирократски процедури.

Првите граѓани на ГДР веднаш тргаат кон граничните премини за да проверат дали е тоа вистина. Граничните полицајци се збунети, тие уште не добиле соодветна наредба од надлежните државни органи. Но, откако пред премините се собираат поголем број луѓе, а и на другата страна почнуваат да се собираат гроздови љубопитни западни Германци, граничарите, сепак, ги креваат рампите. Така, кусо пред полноќ, првите Источно-Германци стапнуваат слободно на западно-германска почва. Тие наидуваат на одушевен пречек од другата страна на Берлинскиот ѕид што со децении ја делеше нацијата. Потполно непознати луѓе се прегрнуваат и и’ се радуваат на новостекнатата слобода. Најчесто спомнуваниот збор таа ноќ е: лудо!

Bildgalerie Deutschland Mauerfall Jahrestag
Реката на жедни по слобода не можеше да ја сопре никојФотографија: AP

„Прекрасно не’ примија. Беше навистина лудо, не можевме воопшто да се освестиме дека такво нешто ни‘ се случува - навистина! Ѕидот го нема повеќе, ѕидот го нема повеќе...“

Мирна револуција од внатре

За ваквиот неверојатен пресврт голема заслуга имаше граѓанското движење во ГДР. Владата и партијата со години не го сфаќаа сериозно, или пак го сведуваа на група криминалци. На 4 ноември 1989 година, опозиционата група „Нов форум“ повика на демонстрации за поголема слобода на берлинскиот плоштад Александерплац. Наспроти сите очекувања, таму се собраа околу половина милион Источно-Германци. Притоа угледни личности од движењето на опозицијата предупредуваа дека не смее да се дозволи државното раководство да ги искористи протестите и барањата за реформи за сопствени цели: „Треба да внимаваме и да се чуваме од можните обиди на партиски и државни функционери, сега и во иднина, демонстрациите и протестите на луѓето од нашата земја да ги искористат за сопствена пропаганда и да ја претстават целата работа како тие да биле иницијатори и водачи на почнатите реформски процеси во општеството“ , нагласуваше актерот Јан Јозеф Лиферс.

Flash-Galerie Deutschland 60 Jahre Kapitel 3 1969 – 1979 Willy Brandt Kniefall von Warschau
Со историското клекнување пред жртвите на холокаустот во Варшавското гето ги отвори портите за сраснување на Европа: канцеларот Вили БрантФотографија: picture alliance / dpa

Изненадени Западни Германци

Владата на СРГ беше изненадена од настаните кои се одвиваа многу брзо. Граѓаните на дотогашната источно-германска творба многу брзо по паѓањето на Ѕидот побараа повторно обединување на поделена Германија. Поранешниот канцелар и лидер на Социјалдемократската партија на Западна Германија, Вили Брант им даде надеж во таа насока: „Сраснува она, што припаѓа едно на друго!“

Тогашниот канцелар Хелмут Кол на 19 декември 1989 година патува во Дрезден во посета на новиот премиер на ГДР, Ханс Модров. Западногерманскиот канцелар наидува на одушевен дочек и уште истата вечер го држи познатиот говор пред урнатините на катедралата во Дрезден. „ Моја цел останува единството на нашата нација, доколку тоа го дозволи историскиот миг. Нашата куќа, Германија, мора да биде изградена под европскиот покрив. Тоа мора да биде целта на нашата политика.“

Само 10 месеци подоцна, на 3 октомври 1990 година повторното обединување на Германија доби правна завршница. Повторното единство на Германија, пак, беше предуслов за надминувањето на поделбата на Европа на Западен и Источен блок, што се најде на дневниот ред во наредните години.

Автор: Матијас фон Хелфелд / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска