1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Arizona Attentat

11 јануари 2011

Атентатот врз американската конгресменка Габриел Гифордс е поврзан со се` поизразената политичка нетолеранција во САД. Говорот на омраза не е ништо ново во поделената држава - коментар на Даниел Шешкевиц.

https://p.dw.com/p/zwC5

Во извештајот на шерифот од Аризона станува збор за изолирано дело на „психички нестабилно лице“. Тоа може да се смета за генерално точно во случајот на 22-годишното момче, кое со нападот во Тусон се претвори во масовен убиец. Меѓутоа, пропратните околности говорат за нешто сосема друго - говорат за нетолеранција и омраза, кои му даваат белег на американскиот политички дијалог, и тоа не од вчера.

Во текот на шеесеттите години од минатиот век, расната омраза ги однесе САД безмалку до работ на граѓанска војна. Главен двигател беа припадниците на таканаречениот Кју Клукс клан и нивните симпатизери, без чија брутална кампања против еманципацијата на црнците, немаше да биде можно ниту убиството на активистот за човекови права Мартин Лутер Кинг.

Zentrale Programmredaktion Daniel Scheschkewitz
Даниел ШешкевицФотографија: DW

И атентатите врз браќата Кенеди беа резултат на затруена внатрешно-политичка клима, во која континуираната поделба на американската нација доведе до брутален исход. Четири децении подоцна, говорот на омраза повторно е актуелен во САД. Политичари што го практикуваат се обраќаат преку радио-емисии, стојат зад кулисите на политичките кампањи и се` почесто стануваат дел од таканаречената „блогосфера“.

Објектот на нивната омраза од 2008 година се вика Барак Обама, кој како прв црн претседател на САД и демократ од левиот спектар, ги мотивира неговите антагонисти да посегнат по се` понечисти пропагантни средства. Притоа се разви таква политичка некултура, која во држави како Аризона веќе од поодамна вродува со грозни резултати.

Во пограничната држава со Мексико, постојано се среќаваат самопрогласени гранични чувари, кои со тивка согласност од власта, ги ловат нелегалните имигранти. Воопшто не треба да чуди што американската пратеничка беше застрелана токму во Аризона. Во општество каде човековите права се газат со нозе, ниту животот на политичкиот противник нема којзнае колкава вредност.

Меѓутоа, реториката на политичка омраза не е „привилегија“ што ја уживаат само реакционерните кругови во Америка. Ниту поранешниот претседател Џорџ Буш и неговиот заменик, Дик Чејни, немаа кралски третман од противниците на ирачката војна. Без разлика дали станува збор за Буш или Обама, политичкиот екстремизам во делови на американското општество во изминативе децении зазеде застрашувачки размери. Евтини полемики и понижувачки политички стил се’ почесто ги одбележуваат политичките препукувања во длабоко поделената држава. Таквата тенденција продолжува се` до највисоките кругови на политиката. Доволно е човек само да ја погледне интернет-страницата на иконата на опозициското движење во САД, Сара Пејлин.

Официјална Америка сега неколку дена ќе подзастане, бидејќи со нападот врз пратеничката Габриел Гифордс, беше извршен атентат врз еден од актуелните политичките актери. Меѓутоа, остануваат сомнежите дека паузата ќе доведе до трајно неутрализирање на горчливата политичка реторика.

Автор: Даниел Шешкевиц

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Борис Георгиевски