1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворен вентилот на „Северен поток“

8 ноември 2011

Денеска во германскиот град Лубмин свечено е пуштен во употреба гасоводот „Северен поток“, кој директно ги поврзува сибирските наоѓалишта со Германија, преку Балтичкото море.

https://p.dw.com/p/136pt
Со заеднички сили: Меркел и Медведев го отворија вентилот за рускиот гасФотографија: dapd

Германската канцеларка Ангела Меркел оцени дека „Северниот поток“ е сигнал за тоа дека Германија и Европа „се ориентираат кон сигурна и одржлива соработка со Русија“. На полето на енергетиката овој проект воведува нови стандарди, порача Меркел откако со рускиот претседател Дмитри Медведев симболично го отвори вентилот на гасоводот. „Наспроти сите обиди за широко позиционирање на изворите за снабдување со енергија, Русија е сепак еден од главните партнери на Европа“, додаде Меркел во градот Лубмин.

Гостинот од Москва, пак, порача дека соработката што ја означува „Северниот поток“ за Русија е од долгорочен карактер. Освен тоа, тој е уверен дека Русија и ЕУ ќе соработуваат на многу други проекти, како во енергетскиот сектор, така и во други области, додаде Медведев. Со пуштањето во употреба на првиот крак од гасоводот Германија, Франција, Холандија и Белгија годишно ќе добиваат по 27 милијарди кубни метри земен гас од руските наоѓалишта во Сибир. Во план е идната година да биде завршен и вториот крак што ќе го удвои количеството.

Wulff und Medwedew in Berlin
Германскиот и рускиот претседател Кристијан Вулф и Дмитри Медведев на прес-конференцијата во БерлинФотографија: dapd

Дочек со највисоки почести

Рускиот претседател Дмитри Медведев денеска допатува во Берлин, каде беше дочекан со највисоки државни почести од германскиот претседател Кристијан Вулф. Медведев на заедничката прес-конференција со Вулф се заложи за скорешно укинување на визниот режим меѓу Русија и ЕУ. Ова прашање е од клучна важност за натамошните односи, нагласи Медведев во Берлин. Гасоводот „Северен поток“ тој го оцени како знак за натамошно зацврстување на меѓусебните односи со Германија и со ЕУ. Домаќинот Кристијан Вулф ги оцени односите како позитивни и порача дека Германија сака да го исполни договореното стратешко партнерство со Русија со конкретни содржини. Тој меѓутоа порача дека посакуваното укинување на визниот режим за сега не е можно.

Bundespraesident Wulff empfaengt russischen Praesidenten
Дочек со највисоки почести: Медведев и ВулфФотографија: dapd

Пропуштен потенцијал

Претседателот на Источниот одбор на Германската трговска и индустриска комора Екхард Кордес ги предупреди европските земји дека лекомислено ја пропуштаат шансата за продлабочување на економските односи со Русија. Цели осум години стои на маса рускиот предлог за взаемно укинување на визниот режим, а уште не е финализиран ни договорот за економска и трговска соработка. И идејата на Русија за создавање единствена економска зона од Лисабон до Владивосток не е прифатена, критикува Кордес. Иако нивото на германско-руската трговска размена годинава ќе го надмине нивото од 70 милијарди евра, сепак постои уште голем потенцијал што не е искористен. Тој појасни дека и Русија носи одговорност за релативната стагнација во односите со Германија и ЕУ. Таа би требало порешително да го отвори пазарот и да ги изаедначи домашните и странските инвеститори што се однесува до правата да се пријавуваат на тендери.

Автор: Горан Чутаноски/дпа/афп/ртр

Редактор: Е.М.Фиданоска