1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворено е 58-то издание на Меѓународниот филмски фестивал од Кан

12 мај 2005

Индиската актерка Аишварија Рај на англиски, а потоа и американскиот режисер Александар Пејн на француски јазик, ја имаа честа да ја подигнат завесата на годинашнво 58-мо по ред издание на Меѓународниот филмски фестивал од Кан.

https://p.dw.com/p/AeUj
Од фестивалот во Кан
Од фестивалот во КанФотографија: AP

Претходно, облечена во елегантен црн фустан со фини прерамки и проѕирна ѕвезда, белгиската актерка Сесил де Франс, со многу емоции пред 2200 гледачи во големата сала Луи Лумиер на Фестивалската палата, ги раскажа нејзините детски спомени за љубовта кон филмот, оддавајќи им почит на „супер хероите“ на седмата уметност: шминкерите, тонските сниматели, електичарите, реквизитерите, декораторите...

Потоа таа ги претстави членовите на жирито, еден по еден: американската писателка Тони Морисон, германскиот режисер Фатих Акин, шпанскиот актер Хавиер Бардем, индиската актерка Нандита Дас облечена во сари со црвени тонови, мексиканската актерка Салма Хајек во фустан со широко деколте со темно сино ноќни тонови, Ањес Варда, Џон Во и Беноа Жако и претседателот на жирито Емир Кустурица двапати добитник на Златната палма.

Првата вечер на традиционалното свечено отворање на фестивалот, помина во знакот на личноста на претседателот на жирито.

- Станав „Ел команданте. Пресреќен сум и вечерва јас се викам Господин Кино, изјави Кустурица.

Свечената церемонија траеше само петнаесетина минути, со мал циркуски спектакал пропратен со музиката од филмовите на Кустурица. Еден вид потврда на годинашнава определба на Канскиот фестивал, кој одби да се затвори во својот раскош. За тоа сведочат и огромните портрети на француската новинарка Флоранс Обенас, нејзиниот водич Хусеин Ханум, заложници во Ирак и портретот на Ингрид Бетанкур, заложничка во Колумбија повеќе од три години, истакнати над традиционалните скали кои сонуваат да ги искачат сите оние кои работат во филмската уметност. На реверите и на свечените фустани на екипата на филмот „Леминг од рфранцускиот режисер Доминик Мол, со кој беше отворен фестивалот, беа истакнати беџови со портретите на тројцата заложници.

Од вкупно понудените 1540 филмови од 97 земји, во официјална селекција се најдоа само 53 од 28 земји, од кои 21 филм ќе се натпреваруваат за Златната палма. Фестивалот од Кан, исто како и двата други престижни фестивали од Берлин и Венеција, ги отсликува тонот и боите на светската филмска продукција.

Годинава, изборот дава многу ветувања. Во Кан се наоѓаат сигурните филмски вредности како Џим Џармуш, Ларс фон Триер, Џорџ Лукас, Вуди Ален, Вим Вендерс, Гус ван Сант, Давид Кроненберг, Амос Гитај, Ху Хсиао Хсиен, а тука се и новодојдените Марко Тулио Џиродана, Карлос Рејгадас, Роберто Родригез и тн. Во официјалната програма на Фестивалот нема филмови од просторите на поранешна Југославија. Македонските "Балканкан", "Големата вода" и "Илузија" се очекува да бидат претставени на филмскиот маркет што се одвива паралелно со Фестивалот.