1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Осум арапски принцези пред суд

Нина Нибергал
11 мај 2017

Принцезите од Обединетите Арапски Емирати во апартмани во луксузен белгиски хотел со месеци ги малтретирале своите вработени. Против нив е подигнато обвинение и за постапките треба да одговараат пред суд.

https://p.dw.com/p/2cmoy
Scheich-Zayed-Moschee Abu Dhabi
Фотографија: picture alliance/dpa/M.Gambarini

Принцезата Шајка Хамда Ал Нахајан и нејзините седум ќерки, при престојот во Брисел, обично отседнувале во хотелот Конрад. Така било и во 2008 година - со месеци имале изнајмено цел кат од луксузниот хотел. Како придружба носеле најмалку 20 свои помошнички, кои требало да се погрижат на принцезите ништо да не им недостига. Ангажманот на помошничките морал да биде нон-стоп, за нив немало доволна храна, кревети, дозволи за престој или за работа.

Семејството Ал Нахајан, кое спаѓа меѓу највлијателните во Обединетите Арапски Емирати, кратко претходно го купи фудбалскиот клуб „Манчестер Сити“. Осумте принцези сега треба да одговараат пред суд поради трговија со луѓе и кршење на одредбите од работничкото право. 

Навредувани, преоптоварени, неплатени

„Куќните помошнички не беа плаќани, работеа дење-ноќе, мораа да спијат на подот пред вратите на принцезите и постојано беа навредувани“, раскажува Патриција Ле Кок од белгиската организација за човекови права „Мирија“, која во процесот се јавува во улога на втор тужител.

Белгиските власти за случајот дознале откако една од вработените жени избегала од хотелот и пријавила во полиција. Работите тогаш тргнале по својот тек: безбедносните служби извршиле увид во ситуацијата и го констатирале нечовечкиот третман на помошничките. По обемната истрага, случајот доведе до судска постапка.

Но, принцезите за своето однесување дури сега, девет години по делото, се пред суд. Одолговлекувањето се должи на „правни проблеми“, изјави личност инволвирана во процесот. Белгиските медиуми јавуваат дека адвокатот на кралското семејство постојано вршел приговори за непрописна правна постапка, недоследности при полициската истрага, што очигледно водело до долгогодишна правна одисеја.

Belgien Das Hotel Conrad
Хотелот Конрад во БриселФотографија: Getty Images/AFP/H. Vergult

Нешто неверојатно

Кон тоа придонесува и фактот што темата во минатите години не стигна до широката јавност. „Не можам да верувам дека медиумите толку малку известуваа за случајот“, истакнува Николас Мекгехан од Хјуман рајтс воч, кој со години се занимава со случаи поврзани со земјите од Заливот. 

Притоа, ова не е е исклучок, вработени од земјите од Заливот без дозвола да бидат доведени во Европа и таму да бидат злоставувани. Во јануари сличен случај беше разгледуван пред Европскиот суд за човекови права. Дубајска фамилија на кратко патување во Виена со себе ги повела своите три филипински куќни помошнички.Таму тие морале дење и ноќе да се грижат за децата и да извршуваат бројни куќни обврски. Ако згрешеле нешто, биле изложени на вербално насилство кое се заканувало да премине и во физичко.

И тие избегале, подигнале тужба против својот работодавач и со помош на австриските организации за човекови права, стигнаа дури до Стразбуршкиот суд. Неодамна тој донесе пресуда: „не постои никаква реална шанса за успех“ во правната постапка против семејството од Обединетите Арапски Емирати. Меѓу Австрија и Обединетите Арапски Емирати не постои договор кој би ја регулирал судската соработка во вакви случаи, а обвинетите одамна ја напуштиле земјата.

Бегство од сиромаштијата

Активистите за човекови права со години ги ставаат на срамен столб случаите на „модерно ропство“ во државите од Персискиот Залив. Тие по правило течат по сличен терк: мажи и жени се обраќаат до посредници за добивање работа во нивните татковини - Бангладеш, Индија, Шри Ланка или Пакистан, кои им ветуваат излез од сиромаштијата и среќен живот, повисоки плати, подобри работни услови и здравствена заштита.

Кога ќе стигнат во Саудиска Арабија, Бахреин или Обединетите Арапски Емирати, доаѓа соочување со реалноста. Често тие мораат да работат непрекинато и долго да чекаат на платата. Постојано се навредувани, тепани или сексуално злоупотребувани. Куќните помошници најчесто не можат да се бранат, зашто во заливските држави владее систем наречен „кафала“, во кој работодавачите се во улога на гаранти за своите вработени. Оној кој бара ново работно место без дозвола, подлежи на кривична одговорност и може веднаш да биде протеран. 

Belgien Prozess gegen saudi-arabische Prinzessinnen in Brüssel
На потег се судиитеФотографија: DW/D. Pundy

Проблем и за Европа

Ваквите кршења на човековите права постојано се импортираат и во Европа. Многумина арапски шеици патуваат во Германија, Австрија или Белгија на одмор, медицински третман или на работа. Начинот на кој што ги третираат своите помошници можеби е дозволен во нивната татковина, но во европските земји се судира со националните права.

Така е и во случајот со осумте принцези: според кажувањето на Патриција Ле Кок, обвинетите жени постојано се бранеле истакнувајќи дека ваквите работни услови во нивната држава не се ништо невообичаено. Против нив е подигнато обвинение и за шверцување на нивните помошнички во Белгија, зашто за да работат таму неколку месеци, потребна била работна дозвола. Бидејќи во случајот таква немало, правно станува збор за трговија со луѓе. 

Време за давање сигнал?

Белгискиот суд сега има шанса да воведе преседан против ваквата пракса. „Ако судот одлучи дека постојат доволно индиции за делото трговија со луѓе, на обвинетите им се заканува затворска казна или најмалку обештетување на жртвите“, смета Патриција Ле Кок. „Но проблемот е што станува збор за случај од пред повеќе години. Дури и да бидат осудени, казните за обвинетите можат да бидат доста благи“.

Постои и друг проблем, на кој укажува Патрик Вегман, белгиски адвокат специјализиран за меѓународно право. „Доколку биде изречена затворска казна, се стравува дека Обединетите Арапски Емирати нема да ги израчат осудените лица“, вели тој. Казната нема да биде извршена, зашто постои сомнеж дали властите од заливската држава ќе сакаат да соработуваат. 

За активистите за човекови права сето ова е фрустрирачки. Мекгехан од Хјуман рајст воч сепак има надеж: „Судскиот процес може да има големо значење, зашто едно од најбогатите семејства во светот го доведува во врска со трговија со луѓе и модерно ропство.“ Можеби нешто ќе се промени, или барем кај зголемен број луѓе ќе биде свртено вниманието кон неправилностите во заливските земји.