Осуда за некролозите за Рудолф Хес
17 август 2012Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Меморијалниот центар на холокаустот го осудуваат објавувањето некролози за 25 години од смртта на нацистот Рудолф Хес во денешните изданија на весниците „Дневник“ и „Вест".
Во реакцијата, во која велат дека се згрозени од објавата на некрологот под кој се потпишани „негови македонски почитувачи“, Фондот и Меморјалниот центар потсетуваат дека Рудолф Хес бил именуван за заменик на Адолф Хитлер во 1933 година и имал голема улога во создавањето на антисемитските Нирнбершки закони две години подоцна.
„Би сакале да ги прашаме неговите почитувачи: Дали знаат што е нацизам?; дали ја знаат идеологијата што нацизмот ја застапува?; дали го знаат бројот на жртвите на нацизмот?; дали знаат што значи конечно решение и холокауст? и дали можат да одговорат на прашањето која е вината на милионите деца, меѓу нив и на новороденчиња на кои во гасните комори им беше окончан штотуку започнатиот живот? Се надеваме дека почитувачите на Рудолф Хес ќе се одважат и ќе одговорат на поставените прашања. Воедно би го поставиле и прашањето -дали не е време да се донесе закон за забрана ширење на антисемитизам и негирање на холокаустот?“, стои во реакцијата.
Во денешните изданија на македонските весници „Дневник“ и „Вест“ денеска беа објавени некролози посветени на 25. годишнината од смртта на нацистичкиот злосторник.
„Минаа 25 години од смртта на човекот кој мина 46 години во затвор, само затоа што веруваше и остана доследен на неговата идеја и го презеде храбриот подвиг за мировна мисија. Затоа вечно ќе се памети затвореникот на мирот. Тој се осмели“, се наведува во некрологот, потпишан од неговите „македонски почитувачи“.