1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остра собраниска дебата за фијаското со пописот

13 октомври 2011

Опозицијата бара одговорност од Владата за катастрофалниот исход на пописот. Според министерот за правда, причина за фијаското било кусото време за обука на попишувачите

https://p.dw.com/p/12rQ6
Фотографија: Petr Stojanovski

Владата, според министерот за правда Блерим Беџети, смета дека пописот требаше да се прекине затоа што се пробија роковите за попишување и заради големите разлики меѓу попишувачите на теренот, кои ги оправда со кусото време за нивна обука. Тој наведе дека Владата му наложила на Државниот завод за статистика да го преземе и согласно постапката за класифицирани материјали, да го уништи целиот пописен материјал, а исто така и навремено да ги покрие сите досега преземени расходи.

На самиот старт од денешната дебата Имер Алиу од ДПА најави дека партијата се повлекува од Собранието во натамошната расправа за пописот. Оваа партиска одлука Алиу ја образложи со фактот дека ДПА за сите нелогичности и проблеми врзани за пописот навреме ја алармираше јавноста, но владините партнери не сакаа да слушнат дека оваа статистичка операција, според својата форма и соддржина е манипулативна.

„Албанците покажаа висока свест и не дозволија да бидат изманипулирани“ кажа пратеникот на ДПА.

Каде е Груевски?

Најголемата опозициска партија, СДСМ побара пред пратениците и јавноста да се појави премиерот Никола Груевски и да даде одговори за досега невидениот сакндал што и се случи на Македонија. Како што објасни пратеничката Весна Бендевска не треба да се дозволи Груевски упорно да бега од одговорноста.

Mazedonien hat Kosovo als unabhängigen Sttat anerkannt
Опозицијата жестоко ја критикува владата поради неуспехот на пописотФотографија: Petr Stojanovski

„Ако може да стигне на секое отворање на тениско игралиште или селска чешма, Груевски треба денеска да биде овде и на јавноста да и одговори на три паршања: прво, што се случи и кои беа причините за крахот на пописот. Второ, ако ВМРО-ДПМНЕ тврди дека со прекинувањето на пописот државата се спасила од фалсификат, тогаш премиерот да одговори кој е тој што се дрзнал да направи фалсификат –некој висок функционер на партијата, на коалицискиот партнер ДУИ или меѓународната заедница. И трето, кој ќе ја понесе кривичната и политичка одговорноста за во ветер потрошените 14 милиони евра народни пари“, кажа пратеничката на СДСМ.

Да реагира обвинителството!

Горан Мисовски од НСДП побара претседателот на парламентот Трајко Вељановски да и го врати на владата предлог-законот затоа што со него се прекршуваат и Уставот и деловникот на Собранието. Тој побара владата да не ги инволвира пратениците во скандалот што самата си го замеси, и за кој се потрошија милиони евра. „Во ситуација кога во затворот Шутка за многу помалку пари лежат луѓе обвинети за злосторничко здружување, јавниот обвинител и истражниот судија под итно, уште утре на одговорност треба да ги повикаат инволвираните во овој процес“, побара Мисовски.

За Изет Зекири од НДП ова што се случи со пописот покажува колку колициските партнери се некадарни да спроведат и една обична статистичка операција, додека според Рејхан Дурмиши од Партијата за европска иднина пописот беше „катастрофа“ и последица на манипулациите на власта. Според него, владата го прекина пописот затоа што се плашеше од реални податоци, односно се исплаши дека во Македонија ќе се смени демографската структура затоа што Торбешите не се плашат да ја кажат својата припадност.

Претседателот Вељановски ја прекина седницата за партиите преку матичната комисија за политички систем и со амандани да интервенираат во подобрување на квалитетот на законот.

Автор: Сашко Димески

Редактор: Борис Георгиевски