1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставки на двајца министри од новата шведска влада

18 октомври 2006

Новата влада на Шведска не наполни ни цели две недели од доаѓањето на власт, а веќе двајца од министрите на премиерот Фредрик Рајнфелт мораа да поднесат оставка.

https://p.dw.com/p/AdwN
Шведскиот премиер Фредрик Рајнфелт по победата на изборите во септември
Шведскиот премиер Фредрик Рајнфелт по победата на изборите во септемвриФотографија: AP

Станува збор за министерката за култура која со години не плаќала телевизиска претплата и министерката за трговија, која манипулирала со даночните обврски. На серијата оставки не и‘ се гледа крајот.

Шведскиот печат е полн со вести за оставките на двете министерки на новата конзервативна влада. Третиот, министерот за прашања на миграција Томас Билштрем, е на боледување и најверојатно исто така нема политички да преживее, бидејќи и тој со години не плаќал телевизиска претплата. Причината е многу илустративна – на конзервативниот шведски политичар не му се допаѓала наводната социјалдемократска ориентација на државната телевизија. Билштрем не сака да коментира и бега од медиумите, но затоа од коментари не се воздржуваат неговите сопартијци. Тие јасно и гласно бараат негова оставка.

Премиерот Рајнфелт се надеваше дека со повлекувањето на двете министерки ќе се слегне прашината во јавноста, но чигледно се излажал. Во неговата последна изјава околу скандалот со владиниот кабинет, тој порача:

“Кога недостасуваат предусловите за извршување на некоја работа, тогаш е подобро да се ослободи местото за некој друг. Во времето на социјалдемократските влади имаше критика дека министрите тешко поднесуваат оставки. Овие од мојот кабинет се надевам дека нема да имаат долготрајни последици за целата влада, бидејќи на крајот на краиштата станува збор за политички содржини, како економски развој и обнова на државата на благосостојба.“

Ваквиот обид на премиерот да го сврти вниманието кон содржински теми нема да вроди со плод, оценува дел од аналитичарите. Некои политиколози имено сметаат дека одговорноста за погрешниот избор на министрите во крајна линија лежи кај премиерот.

Шведските медиуми во меѓувреме вадат нови и нови детали околу членовите на новиот владин кабинет, при што понекогаш се фаќаат навистина за ситници. Таков е на пример случајот со министерот за финансии Андерс Борг, кому му се префрла дека вработувал бејбиситерки на црно. Министерот појаснува:

“Од време на време ангажиравме млади девојки да ни ги причуваат децата една до две вечери во неделата. И колку што знам не ја пречекоривме дозволената сума, но тоа совесно ќе го проверам.“

Во Шведска имено дозволено е да се ангажира помош во домаќинството до 1080 евра годишно без при тоа да се плаќа данок. Според решершите на агилните новинари министерот за финансии пред 6 години ја пречекорил таа сума за 160 круни.

Во споредба со ваквата ситница, неплаќањето на ТВ претплатата на другите министри е далеку потежок деликт. Многумина Швеѓани со право се прашуваат како да му веруваат на министер кој 16 години не ги исполнува таквите обврски и пријавува ТВ апарати дури откако е именуван за министерско место. Од целата афера едно секако им стана јасно на шведските граѓани, имено дека во земјата има претставници на повисоката класа, кои се очигледно уверени оти не им подлежат на законите.