Оставка на министерката поради аферата за плагијат
9 февруари 2013Оставката на министерката Шаван ја објави канцеларката Ангела Меркел по нивната денешна средба (09.02) во Берлин. Канцеларката истовремено го соопшти името на наследничката на Шаван - тоа е министерката за наука од покраината Долна Сакоснија, Јохана Ванка.
Универзитетот во Диселдорф во вторникот и‘ ја одзеде докторската титула на Шаван поради „намерно препишување“ во нејзината докторска дисертација. Анете Шаван најави тужба против одлуката.
По разговорот со Меркел во владиниот кабинет, Шаван изјави дека ниту препишувала ниту мамела:
„Обвинувањата длабоко ме погодуваат“, изјави таа. Со оставката Шаван сака да избегне оптоварувања на функцијата и на владата:
„Функцијата не смее да страда“, рече Шаван, која за во иднина најави концентрирање врз нејзиниот мандат во Бундестагот.
Оставката Шаван ја понудила во петокот вечерта (08.02), соопшти канцеларката Ангела Меркел, која ја примила „со тешко срце“. Меркел го пофали извонредниот ангажман на Шаван во нејзиното министерство.
57-годишната Шаван важи за близок соработник и човек од доверба на Меркел и министерка за образование е од 2005 година. Првите обвинувања за плагијат на нејзината докторска дисертација се појавија анонимно на интернет кон крајот на април 2012 година.
Шаван постојано ги негира обвинувањата за плагијат и препишување на докторскиот труд од 1980. година, а проверката од страна на Универзитетот сама ја побара.
Новата министерка за образование Јохана Ванка ќе биде именувана на должноста идниот четврток од страна на сојузниот претседател Јоахим Гаук. Таа е доктор по математички науки и долгогодишна министерка за наука во покраините Бранденбург и Долна Саксонија.