Основачот на Мегааплоуд е ослободен со кауција
22 февруари 2012Судијата Невин Досон од Оукленд е на мислење дека не постои опасност од бегство на Шмиц, со оглед на тоа што е запленето целото негово богатство. 38-годишниот Шмиц не смее да влегува во интернет и мора да престојува во неговиот објект во Оукленд, освен ако се работи за медицински итен случај.
Американските власти бараат испорака на Шмиц поради измама и повреда на законот за заштита на авторски права. Тој и тројца негови соработници се обвинети дека платформата, која во меѓувреме е затворена, ја направиле едно од најголемите места за илегални копии на филмови и музика. На тој начин, како што се вели, направена е штета од 500 милиони долари. Адвокатот на Шмиц, Пол Дејвисон, изјави дека неговиот клиент е решен да се бори против американските обвинувања, затоа што тие немале „супстанцијална основа“. Шмиц по ослободувањето изјави дека чувствува олеснување што ќе го види семејството - трите деца и сопругата. Инаку, пред Шмиц со кауција беа ослободени и другите три уапсени лица во аферата.
Автор: ЕМФ/дв/афп
Редактор: А. Трајковска