1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оружјето било легално

Александар Чомовски15 декември 2006

Запленетото оружје во камиони со бугарски таблички е легално. Македонската армија периодично се ослободува од дотраеното оружје, го предава на Металскиот Завод Тито, а оваа фабрика го репарира во Бугарија и потоа го продава. Тоа е приказната за трите бугарски камиони натоварени со македонско лесно оружје. Тие биле дел од третиот конвој во договор меѓу АРМ и скопската фабрика.

https://p.dw.com/p/AdaP
Фотографија: AP

Синоќа камионите биле пресретнати од полициски специјалци кои се посомневале во исправноста на документите за транспорт на пиштоли, пушки и полуавтомати, од касарната во Ѓорче Петров. Началникот на генералштабот на македонската армија, генерал Мирослав Стојановски, денеска изјави:

”Не се работи за никаков шверц, се работи за постапка спроведена во рамките на законите. Второ не се работи за никакво движење по автопат и дека камионите се фатени на излез од Скопје, туку тие се наоѓаат во Металски Завод Тито каде што полицијата доаѓа и ги наоѓа. Оттаму камионите се вратени во Ѓорче Петров. Како што кажа министерот, се работи за компензационен договор, врз основа на барање на Генералштабот, заради ослободување од делот кој е несуштински.”

За разлика од Стојановски, премиерот Никола Груевски во денешната реакција беше повнимателен:

”Колку што знам истрагата е во тек и сите детали ќе бидат објавени кога работата ќе биде завршена. Органите за внатрешни работи и министерството за одбрана работат на случајот. Прерано е да давам какви било информации. ”

Како се случило бугарските возачи и камиони да немаат комплетна документација и дали од армиските касарни е изнесено и ново исправно оружје – сето тоа е предмет на истрагата на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за одбрана. Министерот за одбрана, Лазар Еленовски ја активирал и армиската контрола за проценка на движењето на последниот конвој на користеното оружје од АРМ и зошто притоа конвојот што синоќа го запленија полициските специјалци немал придружба. Тројцата возачи од Бугарија се однесени на распит.