1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан си замина од ЕПП пред да го избркаат

БГ/ ДПА
3 март 2021

Унгарската владејачка партија Фидес се повлече од најголемата групација во Европскиот парламент- Европската народна партија (ЕПП), ставајќи крај на повеќегодишната кавга меѓу конзервативците.

https://p.dw.com/p/3qAkH
Viktor Orban | ungarischer Premierminister
Фотографија: Johanna Geron/AFP/Getty Images

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е и лидер на Фидес, го најави чекорот денеска со писмо до претседателот на ЕПП, Манфред Вебер кусо пред групацијата да гласа за измени во правилата со кои Фидес требаше да биде исфрлена од ЕПП.

„Овие амандмани очигледно се непријателски потег против Фидес и нејзините гласачи“ кои ги замолчуваат Унгарците застапувани од владејачката партија, напиша Орбан во писмото објавено на Твитер од неговата партија. 

Судирот меѓу ЕПП и Фидес трае со години, а се интензивираше по навредите против поранешниот претседател на Европската комисија и член на ЕПП, Жан-Клод Јункер.
Политиките на Орбан, како рестриктивните закони за азил и законодавството насочено против невладините организации и независното судство, го доведоа Орбан во судир со ЕПП, но и со Европската комисија. Тој, пак, ја обвинува ЕПП дека застранила од конзервативните вредности. Членството на Фидес во ЕПП беше суспендирано од 2019 година, но досега, нејзините 12 европратеници делуваа во рамките на парламентарната група на конзервативците.

Со повлекувањето на своите пратеници од ЕПП, Орбан го исполни ветувањето од минатата недела кога му пиша на Вебер дека неговата партија ќе си замине доколку се променат правилата.

„Фидес ни го сврте грбот“, рече Вебер денеска. „Ова не е ден кога можам да кажам дека сум среќен за ова што се случи, но работите се сега појасни“, објасни шефот на ЕПП.
Останува отворено дали пратениците на Фидес сега ќе се префрлат во групацијата на Европските конзервативци и реформисти или кон крајно десничарската Идентитет и демократија на италијанскиот десничар Матео Салвини.

Најголемата конзервативна фракција во Европскиот парламент ги вклучува партиите на германската канцеларка Ангела Меркел, француските Републиканци, полската опозициска Граѓанска платформа и белгијските демохристијани. Без 12 пратеници од Фидес оваа групација сега ќе има 175 пратеници во европарламентот и останува и натаму најголема групација во 705-члениот парламент.