1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оптимистички и тешко остварлив буџет

4 ноември 2011

Предлог буџетот за 2012 година кој изнесува рекордни 2,75 милијарди евра е оптимистички и тешко остварлив, коментираат експертите во Македонија.

https://p.dw.com/p/134te
Министерот за финансии Зоран СтаврескиФотографија: Petr Stojanovski

Во услови на должничка криза во Грција и дел од земјите во ЕУ експертите се скептични дека буџетските проекции кои се темелат врз прогноза за економски раст од 4,5% реално се достижни. Универзитетскиот професор Зоран Ивановски предупредува на внимателност бидејќи кризата била далеку од завршена:

„Останува претпазливо да ги следиме случувањата за да видиме дали трендот е остварлив или реален, во секој случај станува збор за оптимистичка проценка. Владата се` уште не успева да ја намали социјалната компонента на буџетот. Платите и социјални трансфери остануваат со 60% што е превисок износ, тој треба да се намали на 50% што пак е спротивно на заложбите на владата за зголемување на платите на јавната администрација“, коментира Ивановски.

Старо-нови капитални инвестиции

Mazedonisches Parlament
Македонскиот парламентФотографија: Petr Stojanovski

Со сличен став е и професорот Абдулменаф Беџети, за кого предлогот е континуитет на економската политика на оваа влада во изминатите пет, шест години. Според него и овој предлог буџет, за кој вели дека е амбициозен, многу бргу по усвојувањето ќе оди на ребаланс:

„Структурата на буџетот е проблематична. Имаме фискални аномалии, фискална несигурност од аспект на приходите, дали ќе може таа структура да се оствари, а од аспект на расходната страна да се расчлени и аналитички да се разгледа позицијата во поглед на капиталните инвестиции. Посебно би рекол во делот на субвенциите за земјоделството, кои економски ефекти ги генерира, всушност ќе видиме дека таму нема некој економски импакт“, коментира Беџети.

Капиталните инвестиции се зголемени за 28% или нешто над 400 милиони евра. Се предвидува реализација на патниот дел од Коридорот 10, реконструкција на регионални патишта, почеток на реализација на реконструкција на Коридорот 8 и во втора фаза доизградба на пругата кон Бугарија. Опозицијата реагира дека буџетот во делот на капиталните инвестиции бил политички пазар по етнички клуч. За Ивановски тоа не е проблематично:

„Нормално е ако имате етникум кој партиципира во буџетот и очекува добар дел од тие средства да биде наменет и за инфраструктура во областите каде тие гравитираат“, вели Ивановски.

ММФ контра владата

Abdulmenaf Bedzeti
Абдулменаф БеџетиФотографија: DW

Професорот Беџети пак реагира дека станувало збор за голема невистина:

„Ако во капиталните инвестиции гледате таму нема повеќе од пет или шест проценти реални инвестиции во паричен износ предвидени во буџетот за северозападниот дел на земјата. Другите се вид на концесии кои се за очекувања, а мислам дека 99% нема да се случат, што беше случај и минатата година. Целиот Коридор 8 е во очекувања за концесии, исто така и економската зона во Тетово, а исто така е сомнително дека ќе се случат и другите инвестиции во патната и железничка инфраструктура“, смета Беџети

Наспроти владините прогнози во делот на проекциите за раст од 4,5%, ММФ веќе соопшти дека анализира намалување на своите проекции за растот на земјата кои изнесуваат 3,7%. Предлог буџетот е за 150 милиони евра потежок од годинешниот. Буџетскиот дефицит се предвидува да изнесува 2,5% од БДП, исто толку и инфлацијата. Министерот за финансии Зоран Ставрески смета дека предлогот е објективен и реално остварлив.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Борис Георгиевски