1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опаѓа економската динамика во БРИКС-земјите

Клаус Улрих/ Зоран Јордановски30 март 2012

Со години земјите во подем беа генератор на глобалниот стопански пораст, но сега како да го губат здивот. Колку поради тоа може да страда светската економија?

https://p.dw.com/p/14VIg
Фотографија: Reuters

Кратенката БРИК, лансирана од некој американски финансиски експерт, веќе десетина години се користи за означување на земјите во економски подем Бразил, Русија, Индија и Кина. Сега официјално ова група се нарекува БРИКС ,бидејќи кон претходните четири држави се приклучи и Јужна Африка.

Бразил и Русија ги привлекуваат инвеститорите со своите природни суровински резерви, а Индија и Кина со население од преку една милијарда луѓе, како и со евтина работна рака - со тоа и со ниски производни трошоци. Од пред околу пет години БРИК-државите имаат поголем удел во порастот на светската економија отколку стрите индустриски земји. Но, во последно време кај нив темпото опаѓа, а Кина за прв пат се соочува и со трговски дефицит. Јужна Африка, пак, по фазата на подем, сега предизвикува разочарување поради се’ пониските стапки на стопански пораст.

Кина и Индија и натаму предничат

Мариа Лаура Манцени, експерт за пазари во подем кај Дојче банк, во разговор за ДВ го релативизира таквиот развој. Последните податоци потекнуваат од минатата година. „Во втората половина на 2012 година ќе доживееме повторно забрзување на порастот“, вели таа. Не треба да се споредуваат поединечни години, туку периодите пред- и по кризата; тогаш ќе може да се види дека земјите во подем, првенствено Кина и Индија, и натаму бележат многу динамичен стопански пораст, укажува Манцени.

Symbolbild BRIC Schwellenländer Automobilindustrie Automarkt

За 2012 година Кина и Индија ги намалија предвидувањата за порастот на седум ипол, односно седум проценти. Тоа се’ уште се енормни стапки во споредба со порастот во индустриските земји, но истовремено значат и значително назадување во однос на двоцифрените стапки на пораст во изминатите години. Причини за забавувањето се растечките цени на суровините, кои обете земји мораат да ги увезуваат во огромни количини.

Проблеми во Бразил и Русија

Бразил страда од драстичен пораст на трошокот за работна рака, од инфлација и ревалвација на својата валута, предизвикана од постојаниот прилив на капитал од странство. Западните вложувачи инвестираат таму, оти во нивните матични земји не можат да остваруваат некаква добивка, со оглед на антикризните мерки и ниските каматни стапки.

Во Русија развојот го попречува едностраната зависност од сопствената нафта. Земјата итно мора да ја модернизира својата економија и да ја постави врз пошироки основи. Но, корупцијата и постојаните интервенции на државата во стопанскиот живот ги застрашуваат инвеститорите - кој има пари, ги носи во странство. Според сериозни проценки, само во 2011 година во странство се однесени околу 85 милијарди долари.

Опаѓаат стапките на извоз

Врз сево досега споменато се надоврзува и дека ни земјите во подем не останаа сосем незасегнати од должничката криза на Западот - извозот во индустриските држави подзапира, а загубите не можат да се надоместат со домашната побарувачка.

Мариа Лаура Манцени, сепак, верува дека од земјите во подем и во иднина ќе доаѓаат важни импулси за светската економија, но вели: „Друго прашање е дали тие земји навистина можат да бидат локомотива на порастот“. Таа улога, според неа, можат да ја играат само Кина и Индија.

Земји во подем од „втор ред“

Indien BRICS Gipfeltreffen in New Delhi
Претседателите на државите од БРИКС на заедничката фотографија од овонеделниот самит во Њу ДелхиФотографија: AP

БРИК-државите покажуваат знаци на слабост, но веќе се туркаат во преден план други земји во подем. Според пресметки на експерти, тие земји во подем од „втор ред“ веќе учествуваат со една четвртина во глобалниот стопански пораст, а проценките велат дека до 2050 година нивниот удел ќе порасне на 40 проценти.

Експертот од Дојче банк, Мариа Лаура Манцени, таков потенцијал гледа во земји како Индонезија, Мексико и Јужна Кореја. Тоа е хетерогена група, со различни стапки на пораст, „но верувам дека тие земји можат да бидат многу атрактивни за инвеститорите и претпријатијата“, вели Манцени.

Надеж и разочарување

Во земјите со добри изгледи на долг рок американската инвестициона банка Голдмен и Сакс ги вбројува азиските држави како Виетнам, Филипини, Пакистан и Бангладеш. Во некои од нив политичката несигрност може да биде проблем за развојот. Тоа важи и за Иран и Египет,земји од Блискиот Исток со бројно население, како и за Нигерија во Африка.

Драматично забавено е темпото на пораст и во Турција, некогашната земја за пример. По стапки од осум проценти две години последовно, лани турската економија забележа пораст од помалку од три насто.