1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасни игри со контраплатформи

15 февруари 2017

Идејата за создавање „македонска платформа“ коинцидира со неуспехот на ВМРО-ДПМНЕ да договори со ДУИ мнозинство што ќе поддржи нова влада. Нема одговор дали веќе е подготвен таков документ.

https://p.dw.com/p/2XZzC
Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Мобилизација на граѓаните за одбрана на македонскиот народ, подготовка на уставни решенија со кои ќе се зголемат овластувањата на претседателот, прекин на разговорите за името, клаузули за трајна забрана за менување на уставното име и на унитарниот карактер на државата, враќање на хашките случаи на повторно судење, враќање на преамбулата на Уставот од пред 2001 година, политичка борба за правата на Македонците во соседните земји, ревидирање на надворешнополитичките приоритети на земјата, создавање силно лоби за заштита на македонските национални интереси насекаде во светот...

Во политички кулоари се шпекулира дека, наводно, ова биле дел од предлозите во „македонска платформа“, која треба да биде контраодговор на Декларацијата на партиите на Албанците, во јавноста тривијално наречена „албанска платформа“. Тајмингот на раѓање на оваа идеја коинцидира со неуспехот на ВМРО-ДПМНЕ да договори со ДУИ мнозинство што ќе поддржи нова влада, а во континуитет се промовира од разни политички субјекти и јавни личности поддржувачи на политиките на ДПМНЕ.

СПМ: Мешањето ќе доведе до судири!

На 31 јануари, Социјалистичката партија на Македонија (СПМ), која е дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се огласи со „Иницијатива за изработка на сеопфатна македонска Платформа за одбраната на виталните национални и државни интереси“.

„Државата ни е во опасност. Како кулминација на сите настани во изминатиот период се појави крајно опасната Платформа на албанските партии во РМ, креирана во соседна Албанија, со активно учество на албанската држава и раководство. Оваа Платформа е без чувство за одговорност за мирот и стабилноста на Балканот, инспирирана од други надворешни сили кои досега и сѐ уште учествуваат во дестабилизација на РМ и во нејзиното уништување. Ваквото мешање во внатрешните работи на РМ на кој било однадвор во нашата земја, претставува преседан во светската политика и ќе доведе до воени судири од големи размери, големи жртви и пролевање крв, невиден егзодус, страдања и уништување на материјалните добра“, предупреди СПМ.

Партијата повика „на обединување на македонскиот народ и другите народности“ за поддршка во изготвување сеопфатна, конкретна и прецизна Платформа, во која „мора да бидат наведени сите црвени линии преку кои никој во земјата не смее и не може да премине“, а се однесуваат на внатрешното уредување, безбедносниот карактер, функционирањето на институциите, јазикот, името, културата, историјата, економијата и надворешната политика.

„Состојбите се драматични и бараат сериозно однесување и брзо делување. Во спротивно, секој ќе мора да ја понесе својата одговорност пред историјата и македонскиот народ“, предупреди СПМ.

Притоа потенцира дека особена одговорност за овие прашања имаат двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а себеси се понуди да организира средби од кои ќе произлезат усогласени решенија за Платформата, со инсистирање иницијативата итно да биде разгледана во двете партии и во рок од пет дена да ја известат СПМ за нивната согласност.

Пандорина кутија

Тие пет дена поминаа, а темата под висок интензитет ја одржуваа академици од МАНУ (Митко Маџунков), јавни личности поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, но и лично нејзиниот претседател, Никола Груевски. Откако разговорите меѓу СДСМ и ДУИ влегоа во сериозна фаза, корпусот етнички теми за кои и ВМРО-ДПМНЕ претходно преговараше (а според ДУИ - и целосно ги прифатила оние за употребата на јазикот), Груевски постфестум ги нарече „отворање на Пандорината кутија“.

„Доколку СДСМ ги прифати барањата на ДУИ, ние сме подготвени да одиме во опозиција и како опозиција ќе направиме сѐ што е во наша моќ во парламентот да не се прифатат барања кои се нелогични и штетни за целата држава“, изјави Груевски минатиот викенд во интервјуто за ТВ „Нова“. Слични ставови тој изнел и на минатонеделната средба со францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние.

Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Груевски: И мнозинската заедница - македонската, може да направи своја нова платформаФотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

„Таков процес може да нѐ однесе во погрешна насока, бидејќи и други етнички немнозински заедници во државата може да понудат своја платформа, бидејќи оваа што ДУИ и другите албански партии ја создадоа во некои други држави е само за Албанците. И на крајот, може и мнозинската заедница - македонската, да направи своја нова платформа и да ја постави како услов за сега и за во иднина, што ќе биде причина за нови проблеми и прегрупирања“, рекол Груевски на средбата, укажувајќи дека „тој што ја убедил ДУИ да тргне по таков пат ѝ направил мечкина услуга“.

Од ДУИ повторуваат дека етничките теми кои се предмет на разговори воопшто не излегуваат од рамките на Уставот, но дискрецијата во меѓупартиските разговори засега индиректно им дава „храна“ на круговите кои шират страв од „разнебитување на државата“. Аналитичари предупредуваат дека мобилизирањето на граѓанството околу контраплатформи е играње на опасна карта и дека заради губење на власта никој не смее да ја изложи државата на националистички авантуризам, кој може да предизвика крв и жртви, како што „предвидува“ СПМ.

Уставот на ТМОРО

Функционери од ВМРО-ДПМНЕ избегнуваат одговор на прашањето дали се подготвува таков документ и дали се врши некаква мобилизација на членството. Но, странични индиции откриваат во која насока се навигираат состојбите. Професорката од Правниот факултет на УКИМ, Тања Каракамишева - Јовановска, во колумна под наслов „Отворено писмо“, во аргументацијата на тезите за штетноста од албанската платформа и отпорот против неа, се повикува на Уставот на ТМОРО.

„Вистинските Македонци се непобедливи, бидејќи во срце го носат заветот на Гоце, на Дамјан, на Ченто, на Питу, на Петров, на многу многу други македонски херои. Непобедливи се затоа што во душа го чуваат заветот запишан во Уставот на ТМОРО“, пишува професорката од Правниот факултет, и како единствен бранител на националните и државни интереси го посочува Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

Осврнувајќи се на „надворешниот сценарист кој го подготвува планот согласно карактерот и менталитетот на неговите локални слуги“ таа констатира дека целта е да се води класична псхолошка војна со членството која би резултирала со намалување на поддржувачите на политиките кои ги води Груевски.

„Целта е што е можно повеќе да се распарчи, да се подели единствената партија во РМ која ги брани националните и државните интереси на земјата. Целта е да се уништи последниот браник кој стои во одбрана на уставното име, кој стои во одбрана на македонската историја, традиција, идентитет“, оценува Каракамишева.

Дипломатски извори одбиваат да ги коментираат најавите за одговор со „македонска платформа“ во екот на разговори за состав на влада, со образложение дека „секој политички субјект има право и слобода да носи одлуки какви што мисли дека се потребни, а со тоа ја носи и одговорноста за резултатите од тие одлуки“.