1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН жалат поради ескалацијата на релација Турција - Израел

3 септември 2011

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ги повика Израел и Турција да ги подобрат меѓусебните односи за добробит на Блискиот Исток и мировниот процес во регионот . И САД упатија сличен повик до двете земји.

https://p.dw.com/p/12SUF
Генералниот секретар на ОН Бан Ки МунФотографија: picture alliance ZUMA Press

ОН и САД изразија жалење поради новата ескалација на односите меѓу Израел и Турција, предизвикана со објавувањето на извештајот на Истражната комисија на ОН за нападот на израелските командоси врз флотата хуманитарни бродови за Појасот Газа во мај 2010 година, во кој загинаа девет турски државјани.

Портпарол на ОН во Њујорк изјави дека со најновиот извештај за нападот на израелските командоси врз флотата хуманитарни бродови за Појасот Газа во мај 2010 година се сакало да се постигне повторно приближување на двете земји. Тој во името на генералниот секретар на Светската организација изрази најдлабоко жалење што не се успеало во тоа. 

Бан пак за време на посетата на Австралија ги повика Израел и Турција да ги подобрат односите за добробит на Блискиот Исток. „Двете земји имаа многу важна улога во регионот и добрите односи меѓу нив се многу важни за мировниот процес“, изјави Бан. 

Mavi Marmara Gaza Flotte Flash-Galerie
Флотата со хуманитарна помош за Појасот Газа во 2010 годинаФотографија: dapd

И САД упатија апел до Израел и Турција повторно да ги подобрат нивните односи.

Турција вчера го протера израелскиот амбасадор и ги прекина воените врски со Израел, како реакција на извештајот на Истражната комисија на ОН во врска со нападот врз бродовите со хуманитарна помош за Појасот Газа, во мај 2010 година. Во извештајот, израелската операција е критикувана како „прекумерна“ и „несразмерна“, оти уследила на голема оддалеченост од зоната на блокада и без конечно предупредување пред упадот. Израел мора да се извини за своите постапки и на семејствата на загинатите да им исплати обесштетување, што, инаку, досега го одбиваше. Истовремено, израелската поморска блокада на Појасот Газа е оценета како легална. Извештајот првобитно требаше да биде завршен во февруари.
Во нападот на израелските командоси на бродот „Мави Мармара“, кој превезуваше хуманитарна помош за Газа, беа убиени деветмина про-палестински активисти од турска националност, што доведе до сериозно заострување на односите меѓу Анкара и Ерусалим.

Автор:СН/ЖА/дв/ртр/афп

Редактор Жана Ацеска