1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН: Да прекинат борбите во Судан

ЕМФ/дпа/афп13 април 2012

Советот за безбедност на Обединетите Нации побара итен прекин на борбите во граничниот регион меѓу Судан и Јужен Судан. Се предупредува од можна војна.

https://p.dw.com/p/14dHf
Фотографија: Reuters

Борбите мора да престанат „сосема, веднаш и без предуслови“, се вели во изјава на Советот за безбедност, што во Њујорк ја прочита американската амбасадорка во ОН, Сузан Рајс. Во изјавата на највисокото тело на ОН се вели дека ескалацијата на насилството предизвикува стравувања дека меѓу двете африкански држави може да дојде до војна. Рајс повторно побара од двете земји да одржат самит на кој ќе се разговара за мирно решение на проблемите. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун во средата (11.04) во телефонски разговор со јужносуданскиот претседател Салва Кир Мајардит ги повика лидерите на двете држави „да спречат натамошно крвопролевање“.

Јужен Судан се отцепи од Судан минатиот јули. Арапскиот север и богатиот со суровини југ оттогаш се во кавга околу природните богатства во граничната провинција. Сега Јужен Судан го освои едно од најважните нафтени полиња во Судан. Обидите на Африканската унија да посредува меѓу двете земји досега се покажаа неуспешни.