1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН го зголемуваат притисокот врз Асад

13 август 2011

Сириската армија денеска ја продолжи офанзивата против протестното движење во повеќе делови на земјата. Советот за безбедност на ОН наредната недела повторно ќе одржи седница за Сирија.

https://p.dw.com/p/12G6b
Протести во ЛатакијаФотографија: picture alliance/dpa

Како што соопшти арапската телевизија Ал Џазира, голем број тенкови денеска се распоредиле во пристанишниот град Латакија, а паднала и првата жртва од редовите на демонстрантите. Сириски активисти исто така соопштуваат дека безбедносните сили на режимот на претседателот Башар ал-Асад спровеле рација против демонстрантите во градот Деир ал-Зор. За воени акции јавуваат и жители на села во близина на градот Кусаир.

Во текот на вчерашниот ден во градот Латакија и во други делови од земјата повторно имаше масовни протести против режимот на Асад. Војници и полицајци убиле најмалку 23 лица, соопштуваат организациите за човекови права.

Со оглад на тоа што насилството во Сирија продолжува, Советот за безбедност на ОН закажа уште една вонредна седница наредната недела. На неа за актуелната состојба во Сирија ќе говорат ополномоштеничката на ОН за човекови права, Нави Пилај, како и Валери Амос, заменик-генерален секретар, задолжена за хуманитарни прашања. Седницата на ОН се одржува по барање на европските земји-членки. Тие сакаат на тој начин да го зголемат притисокот врз сирискиот властодржец.

Автор: ТТ/ АТ/ дв

Редактор: Александра Трајковска