1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

110511 Grenzüberschreitende Warensendungen

24 мај 2011

Германската пошта ја почна 2011 година со добри бројки - билансот од првиот квартал вели дека е постигнат обрт за 6,9% повисок во споредба со истиот период лани. Сето тоа благодарение, пред се‘, на „ДХЛ“.

https://p.dw.com/p/11Hev
Фотографија: picture alliance / dpa

Првиот човек на секторот за финансии во поштата, Лари Розен вели дека порастот на добивката од 1,7 милијарди евра се должи на програмите за штедење во изминатите години, но пред се‘ на динамичниот пораст во сите ДХЛ-сфери: експрес испорака, товарен транспорт и логистика. Освен тоа, претпријатието сега се‘ повеќе става акцент на својата онлајн-дејност. Во време кога профитот од класичното доставување писма опаѓа, германската пошта се врти кон транспорт на пратки во странство. Имено, во време на интернет значително растат онлајн-нарачките на купувачите на производи во странство. Тоа е шанса за поштата.

Се‘ повеќе луѓе купуваат онлајн. И германските купувачи полека ги надминуваат своите сомнежи, а во тоа им помага и „ДХЛ“ - на пример кога станува збор за пратки кои се од друга земја.

800 милиони пакети за една година

ДВД-а, ЦД-а, книги, облека, компјутери, козметика или мебел за градина - листата на производи кои денес се нарачуваат преку интернет може да се продолжува уште многу. Бизнисот на иднината гласи - онлајн-трговија. А таа расте бргу. Од тоа профитираат претпријатијата за логистика, пред се‘ „Германска пошта ДХЛ“:

Symbolbild Post Briefverkehr Briefkasten
Фотографија: AP

„Во изминатата година транспортиравме речиси 800 милиони пакети. Тоа е отприлика 2,7 милиони пакети дневно. Се разбира, пред Божик имавме многу интензивен период кога дневно транспортиравме двојно повеќе отколку вообичаено. Во текот на зимата имаше денови кога испорачувавме по 5,5 милиони пакети дневно“, вели Андреј Буш, раководител на „ДХЛ Пакет Германија“. По големиот пад во делот на класичната испорака на писма, интернетот стана мотор на бизнисот со пратки:

„Интересно е дека интернетот, всушност, игра огромна улога и при нормалното купување во продавница. Ако некој оди да купи камера или телевизор во продавница, претходно веќе се информирал на интернет. Таму веќе ги споредил цените. Интернетот за потрошувачката игра голема улога - од информирањето до купувањето, значи до финалната трансакција.“

Што ако во пакетот има погрешен производ?

За потрошувачите во Европа е често предност да се пребаруваат интернет страниците во соседните земји, зашто или производите ги нема кај домашните трговци или се поскапи. Но, токму Германците се‘ уште се сомничави при купувањето онлајн кај странски понудувачи. Дали производите имаат гаранција и дали постои право на враќање на производот, како во Германија? Тука од помош е информирањето пред да се купи нешто.

Quelle und DHL
Фотографија: PA/dpa

Што се случува доколку во пакетот има погрешен производ? Поштата е подготвена за такви случаи. Таа веќе соработува со поштите во повеќе од десет европски земји, а би требало да следуваат и други земји, надвор од Европа, вели Андреј Буш:

„Еден Италијанец во Германија нарачува производ кој се испорачува во Италија и тој производ е да речеме, погрешен. Се оди на интернет страницата на понудувачот, се печати етикета на италијанската пошта и потоа во Италија, се предава директно во наредната филијала на поштата. Тоа има смисол, затоа што националните пошти секогаш имаат најгуста мрежа на филијали.“

Шалтери што работат нон-стоп

За на германските клиенти да им се овозможи испорака на производите нон- стоп, германската пошта има на располагање над 2.500 места за предавање на пакети ширум земјата. Тоа се шалтери за саморакување, кои се на располагање 24 часа. Но, ништо не оди без силен тим, чиј дел се многу доставувачи на пакети кои ги испорачуваат пратките на муштериите. Се‘ почесто доставувачите на пакети лиферуваат онлајн-производи. Оваа бранша бележи бум и од тоа профитираат и службите за испорака, како што е „ДХЛ“.

DHL als Modellflugzeug
Фотографија: AP

„ДХЛ Пакет“ е број еден во Германија, со удел на пазарот од околу 40 проценти. Тој е пред „ДПД“, пред „Хермес“ и пред „Германската служба за испорака на пакети“.

Автор: Моника Ломилер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Горан Чутаноски