1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Омикрон на голема врата пристигна во С. Македонија

4 јануари 2022

Во изминатите 24 часа биле регистрирани 1.197 нови случаи на заразени од коронавирусот во Северна Македонија. Убедливо најголем број новозаразени се во Скопје.

https://p.dw.com/p/458BW
Омикрон Коронавирус Ковид-19
Омикрон е најновиот сој на коронавирусот кој се шири низ светотФотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

Почетокот на новата година донесе драматичен раст на бројот на новозаразени со вирусот Ковид-19 во Северна Македонија. Министерството за здравство во текот на вчерашниот ден евидентирало 1.197 нови инфицирани граѓани. Според сознанија на ДВ од Министерството за здравство, големиот раст на бројот на новозаразените се должи на присуството на сојот Омикрон и во земјата. 
Министерството за здравство дополнително информира дека варијантата Омикрон е детектирана кај 9 пациенти од Скопје и Кочани, од вкупно 24 тестирани примероци, што е 37,5% од позитивните примероци. 

Од направени вкупно 7.483 тестови во текот на вчерашниот ден, најголем број новозаразени се евидентирани во Скопје, над 10 проценти, или вкупно 766 лица. Висок е бројот на нови инфекции и во Битола – 94, како и во Прилеп – 56. 

Растот на бројот на нови случаи е дотолку повидлив доколку се земе предвид дека во текот на минатата недела, од 27 декември до 2 јануари, во земјата биле евидентирани вкупно 2.643 позитивни случаи на коронавирус. И тие бројки биле повисоки за 43 проценти во однос на претходната, заклучно со 26 декември. Тоа значи дека растот на бројот на новозаразени од Ковид-19 влегува во нова, далеку посилна фаза. 

Во Скопје во текот на целата претходна недела заклучно со 2 јануари биле регистрирани вкупно 1.422 новозаразени, додека само во еден ден, на 3 јануари, се евидентирани нови 766, или повеќе од половина од таа бројка.

Сомнежите се дека новиот бран е предизвикан од предновогодишните и празничните прослави, особено во затворени простории. Според експертите, новата варијанта на коронавирусот- Омикрон се шири далеку побрзо од претходните соеви, а потребно му е и далеку помалку време за инкубација во организмот- до три дена.

Поголемиот дел од Западна Европа веќе со недели страда под налетот на новиот бран и во повеќето земји се на сила нови рестрикции на јавниот живот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема