1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оланд ја разлути Меркел

АТ/ ртр/ дпа/ дапд/ дв24 мај 2012

Шефовите на држави или влади на ЕУ синоќа во Брисел повторно спореа околу еврообврзниците. За темата Грција европските политичари демонстрираа единство. Конкретни одлуки ќе бидат донесени на самитот на ЕУ во јуни.

https://p.dw.com/p/151Ma

„Консолидацијата на финансиите и порастот не се спротивности“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел по шестчасовната средба во Брисел. Нејзиниот став за спорните еврообврзници останува непроменет. Тие се спротивни на важечките европски договори, уверена е канцеларката.

„Укажувам на правниот аспект. Договорите забрануваат преземање на меѓусебни гаранции. Под ова според наше гледиште спаѓаат и еврообврзниците. Уверена сум дека тие не се придонес за поттикнување на порастот во еврозоната, имено прилично изедначените каматни стапки, кои ги имаме со години, во основа доведоа до погрешен развој“, смета Меркел.

Кој добива, а кој губи

Германската влада стравува дека еврообврзниците би можеле да го намалат притисокот за штедење кај високо задолжените земји и Германија би морала да смета на повисоки камати. Обратно, земјите кои се во криза со европските обврзници во иднина би можеле да се снабдуваат со пари на капиталните пазари по поповолни кондиции.

Brüssel Krisentreffen EU-Sondergipfel Griechenland
Фотографија: Reuters

Наспроти ставот на канцеларката Меркел, новиот француски претседател Франсоа Оланд индиректно се изјасно повторно за заедничките европски обврзници. За да се поврати стопанството на курсот на пораст, токму во послабите земји членки во еврозоната, се’ мора да се стави на маса, смета Оланд.

„Не се собравме за да се конфронтираме. Разменуваме мислења, што е добар иснтрумент, добар метод, добри иницијативи за да се поттикне порастот. Еврообврзниците се дел од оваа дискусија. На крајот на јуни ќе донесеме одлука“, подвлече Оланд.

Единственост по прашањето за Грција

Наспроти разликите во ставовите околу еврообврзниците, европските шефови на држави или влади имаа единствен став за прашањето за Грција. Претседателот на Советот на ЕУ Херман Ван Ромпој по средбата подвлече дека ЕУ сака Грција да остане во еврозоната. Атина меѓутоа би морала да штеди, согласно спогодбата со ММФ и ЕУ. И претседателот на Комисијата на ЕУ, Жозе Мануел Барозо го повтори ваквиот став:

„Денеска Европскиот совет испрати јасна порака во правец на Атина. Сакаме Грција да остане во еврозоната. Стоиме зад Грција. Се разбира, очекуваме дека Грција ќе се придржува до договорите“.

Значи, на потег е Грција. Во моментов земјата има преодна влада, а граѓаните на 17. јуни повторно се повикани на избори. Доколку победат партиите кои се против програмите за штедење, на Грција и‘ се заканува истапување од еврозоната. За таков случај веќе се подготвуваат вонредни планови.