1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Кафеаните со ново работно време до 21 часот

ДТЗ /ДВ
19 јануари 2021

Неограниченото работно време ќе се врати само за угостителските објекти на бензинските пумпи и во хотелите. Можно е наскоро ноќниот живот да трае до 23 часот  

https://p.dw.com/p/3o8Ys
Deutschland Berlin Kudamm in Corona-Zeiten  Restaurant Reinhardts
Фотографија: DW/S. Bartlick

Додека повеќето земји во Европа со стегаат ременот и ги зајакнуваат рестриктивните мерки како заштита од Ковид-19, Северна Македонија укинува дел од превентивните мерки коишто беа воведени за време на новогодишните и божиќните празници. Па така, угостителските објекти од четврток место до 18 часот ќе работат до 21 часот, а во наредниот период се најавува можност тие да останат отворени за гостите до 23 часот. Ваквата одлука стапува на сила откако Владата на денешната седница ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести. Неограниченото работно време ќе се врати само угостителските објекти на бензинските пумпи и во хотелите.

Епидемиолошки насоки

Од четврток, 21 јануари, рестораните и кафулињата ќе работат до 21 часот, објави премиерот Зоран Заев, откако на денешната владина седница ги разгледале епидемиолошките насоки. Угостителските објекти од 18 декември работат до 18 часот како дел од мерките на Владата донесени пред новогодишните празници, со цел да се спречат групирања и новогодишни прослави.

-повеќе на темата: Ноќниот живот се враќа во скратена варијанта 

„Со оваа одлука завршува и вонредното ограничување на работното време во угостителските објекти на бензиските пумпи, како и за гостите сместени во хотелите, мотелите, хостелите и останатите сместувачки капацитети, при што истите ќе можат да работат со редовното работно време утврдено со законот за работа на овие угостителски капацитети“, вели Заев. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека наредната недела, откако ќе се анализира епидемиолошката состојба во земјата, можно е да се дозволи угостителските објекти да работат до 23 часот. И министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција деновиве најави дека со оглед на ситуацијата можно е да им се дозволи на угостителските објекти да работат до 23 часот. Тој рече дека продолжувањето на работното време, најверојатно, ќе се случи по 21 јануари.

-повеќе на темата: Игра на мачка и глушец: инспекторите ги затвараат, кафулињата кршат пломби

Ваквата одлука следи по реакциите на угостителите кои бараа да се врати животот во нормала и да се отворат вратите на угостителските објекти кои претрпеа големи загуби за време на пандемијата. „Не постои во светот индустрија која може да издржи и опстане со месеци соочена со континуирани бројни рестриктивни мерки и протоколи со ограничувања во своето работење на 30 и 50 отсто од своите капацитети. Невозможно е со месеци да премостувате, одлагате и да го издржите притисокот за навремено исполнување на сите редовни обврски, додека прометот и приходите се толку намалени“, апелираа од Независната угостителска комора.  
Во меѓувреме, додека да стапи на сила олабавувањето на мерките, полицијата и инспекторатот се секојдевно на терен. Се затвораат кафулиња и кафеани, се пломбираат локали, се приведуваат сопствениците и гостите, на кои им се изрекуваат казни за прекршување на мерките. Најчесто станува збор за локали кои се откриени како работат доцна во ноќта, преполни со гости, каде не се почитуваат епидемиолошките мерки за заштита од Ковид-19.