1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од симпатии до омраза: која е ЕТА?

12 март 2004
https://p.dw.com/p/AcP9
Шпанската влада за вчерашните атентати во Мадрид ја обвини баскиската забранета организација ЕТА. "Воопшто не се соменавме дека зад масакрот се крие ЕТА", изјави министерот за внатрешни работи Ангел Асебес. Во еден период ЕТА не се третираше како терористичка организација или како банда безмилосни убијци, туку како група на отпорот - радикална, но легитимна. ЕТА уживаше големи симпатии не само кај Баскијците, туку и кај многумина Шпанци. Тоа беше во 1959 година кога беше основана од неколумина студенти на правниот факултет во Билбао.
ЕТА е кратеница за "Еускади Та Аскатасуна" или во превод "Баскија и слобода". Токму таа слобода им беше одземена на Баскијците по завршувањето на граѓанската војна во 1939 година. Победникот, генерал Франко посебно цврсто владееше во Баскија. Причина: Баскијците се бореа против него. Оттаму ЕТА за Баскијците стана многу важна и затоа и пристапуваа многумина: и интелектуалци, селани, рибари... Меѓутоа, набргу не беа доволни нивните дискусии или мирни демонстрации. Се случија првите напади врз шпанската полиција и врз институциите на шпанската војска во Баскија. Првото намерно убиство беше извршено во 1968: еден припадник на ЕТА уби шеф на тајната служба на франковиот режим. Пет години подоцна спектакуларно убиство: ЕТА го уби номинираниот наследник на Франко, Кареро Бланко. Во 1975 година почина Франко, Шпанија стана демократска држава. Баскија ги доби назад автономните права. Денес скоро и да нема регион кој е толку автономен како Баскија: баскискиот јазик не само што беше дозволен, туку и поддржуван. Стана рамноправен со шпанскиот и официјален покраински јазик. Баскиската влада решава за образованието, културата, економијата и за други подрачја од општествениот и политичкиот живот. Меѓутоа и по смртта на Франко ЕТА и натаму продолжи со теророт. Се бараше целосна независност за Баскија. Со тоа се промени и мислењето кај населението: во ЕТА се гледаше терористичка банда. 1980 година во шпанската историја е запишана како крвава: 118 луѓе беа жртви на теророт на ЕТА. Тоа предизвика и внатрешни поделби што доведе од формирање политичко крило "Хари Батасуна", но тоа никогаш не доби повеќе од 15 насто гласови во покарината. Во меѓувреме е забранета од врховниот суд на Шпанија.
Владата на премиерот Хозе Марија Азнар го засили притисокот врз ЕТА и се обиде баскиското прашање да го реши со полициски акции. Беа уапсени познатите терористи, денес повеќе од 500 челнови на ЕТА се во затвор. Меѓутоа, по секое апсење се формираа нови групи. Во 1997 година ЕТА ја загуби и последната поддршка во народот кога уби еден млад баскиски пратеник по два дена држење во заложништво. Илјадници во Баскија и милиони во цела Шпанија излегоа на улиците на демонстрации против ЕТА. На транспарентите пишуваше "Баста ја" - "Доста е"!