1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Од полноќ прекин на огнот на целата територија на Сирија

СН /дпа,афп,ртр
29 декември 2016

Вчера се појавија првичните вести- но Кремљ се колебаше. Сега рускиот претседател ја потврди информацијата за примирје во Сирија. Досега меѓутоа договорот е само на хартија.

https://p.dw.com/p/2V0dw
Syrien Aleppo
Фотографија: Getty Images/AFP/G. Ourfalian

Во Сирија, во која беснее граѓанска војна, од полноќ во сила ќе биде прекин на огнот на целата територија на земјата. Ова беше објавено преку соопштение на сириската армија, кое го пренесе државната новинска агенција Сана. Исклучени од примирјето се џихадистичките милиции, меѓу нив и терористичката група „Исламска држава“.

Рускиот претседател Владимир Путин ја потврди информацијата дека денеска е постигнат договор за примирје во Сирија. Путин на состанокот со министерите за надворешни работи и одбрана рече оти Русија и Турција ќе бидат гаранти на примирјето кое започнува на сила на полноќ.

„Пред неколку часа стигнаа вестите дека дошло до развој на ситуацијата која сите ја очекувавме. Три документи се потпишани. Првиот е договор за прекин на огнот меѓу сириската влада и вооружената опозиција. Пакетот мерки за контрола на прекинот на огнот е втор. Третиот е декларација за подготвеност да се пристапи кон мировни преговори“, рече рускиот претседател.

Според неговите зборови, треба да следуваат мировни преговори меѓу сирискиот претседател Башар ал Асад и опозицијата, во кои ќе учествуваат и сириски партии. Преговорите би требало да бидат одржани во Астана, во Казахстан. Министерот за одбрана Сергеј Лавров додаде дека во мировните напори би можеле да се приклучат и САД, по преземањето на претседателската функција во земјата од страна на Доналд Трамп. И Египет, Катар, Саудиска Арабија, Ирак и Јордан се поканети да му се приклучат на процесот.

Syrien Kämpfer in Aleppo
Фотографија: picture-alliance/ZUMA Press/Imageslive/O. Jumaa

Кој сѐ е исклучен од договорот?

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Шојгу, рече дека запирањето на огнот ќе се однесува на 62.000 опозициски борци во Сирија.

Како што наведе, руската војска со турските колеги воспоставила итна телефонска линија за следење на почитувањето на примирјето. Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, наведе дека администрацијата на новиот претседател на САД Доналд Трамп, ќе биде добредојдена да се приклучи кон мировните преговори по преземањето на должноста.

Русија е најголем сојузник на сирискиот претседател Башар ал Асад, додека Турција ја поддржува опозицијата. Неколку предходни обиди да се запре граѓанската војна во Сирија завршија со неуспех.

Официјален претставник на Слободната сириска армија изјави денеска дека бунтовниците се согласуваат со планот  за прекин на огнот на национално ниво со поддршка од Русија и Турција. Закарија Mалахифи, шеф на политичка фракција на бунтовничката група Фастаким, изјави за „Ројтерс“ дека примирјето исклучува области под контрола само на „Исламската држава“. Сириската војска пак соопшти дека од прекин на огнот се исклучени Исламската држава, групата порано позната како на Нусра фронт и сите групи поврзани со нив.