Одговорот на Иран нецелосен
24 август 2006Соединетите Американски Држави одговорот на Иран го оценија како недоволен. Тој останува зад барањата на Советот за безбедност со кои се бара целосно и проверливо запирање на сите активности за збогатувањето ураниум, соопшти вчера американското министерство за надворешни работи. За натамошните потези Американците ќе се советуваат со другите земји членки на Советот за безбедност. Другите земји со право на вето и Германија засега се изјаснуваат воздржано или скептично. Во првите оценки се вели дека станува збор за многу комплексен, сеопфатен и детален документ кој мора да биде внимателно анализиран. Од германската влада е соопштено дека документот многу прецизно ќе биде анализиран.
Советникот на поранешниот ирански претседател Мохамед Катами, Мохамед Шаријати, за арапската програма на Дојче веле изјави дека однесувањето на Европејците според кои веднаш треба да запре збогатувањето на ураниумот, од раководството во Техеран нема во целост да биде прифатено. Всушност, највисокиот духовен водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи уште во понеделникот подвлече дека Техеран ќе ја продолжи својата атомска програма со сите сили.
Францускиот министер за надворешни работи Филип Дус-Блази подвлече дека неговата земја секогаш е подготвена за преговори, меѓутоа враќањето на преговарачката маса е поврзано со запирањето на активности за збогатување ураниум. Портпаролот на руското министерство за надворешни работи Михаил Камјанин изјави дека неговата влада бара позитивни акценти во одговорот на Иран. Важно е да се разберат ставовите кои содржат конструктивни елементи, ако ги има, изјави Камјанин. Од своја страна, министерството за надворешни работи во Пекинг изрази надеж дека Иран со внимание и со неопходните конструктивни чекори ќе и излезе во пресрет на загриженоста во светот во врска со неговата атомска програма. Дипломатискиот пат за решение на атомскиот спор е најдоброто решение, се подвелкува во Пекинг.