Ограничена независноста на Народна Банка на Србија
5 август 2012Српскиот парламент со 139 гласови „За“ и 39 „Против“ ги усвои измените на законот за Народна банка на Србија.
Со измените на законот се воведува парламентарен надзор и контрола над работата на централната банка, но се менува и целокупното раководство на банката. Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и Европската комисија и САД остро реагираа на промените во законот на Народна банка на Србија, сметајќи дека се укинува независноста на банката, но и страхувајќи поради одредбата дека банката може со користење на девизните резерви да купува обврзници кои ги издава државата.
Душан Петровиќ претставник на опозициската Демократска партија вели дека таа одредба сепак е исфрлена од законот. Досегашниот гувернер на НБС Дејан Шошкиќ поднесе оставка на функцијата, наведувајќи дека измените на законот за Народна Банка на Србија ја загрозуваат независноста на работата на таа финансиска институција.
Европската комисија претходно порача дека со усвојувањето на амандманите на законот ќе биде направен значаен чекор назад во процесот на ускладување на српското законодавство со европските стандарди.
Србија во моментов се наоѓа во економска криза, а невработеноста изнесува 25 насто.