1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Огнот голта се пред себе

25 август 2007

„Слика на апокалипса“пишуваат денешните весници во Грција за најголемите пожари кои ја зафатија земјата.Бројот на жртвите постојано расте. Последната бројка вели 41 загинат.

https://p.dw.com/p/BXqI
Беспомошни пред огнотФотографија: AP

Во околината на малечкото градче Захаро на полуостровот Пелопонез на помош чекаат неколку стотици лица. Гори се во околината на нивните села, насекаде има огништа од жар, од шумите излегуваат пламени јазици. Тамошните жители стравуваат за своите животи. Маж од селото Неохиро, јавувајќи се преку мобилниот телефон на една телевизија, избезумено повика за помош.

„Огнот е надвор од контрола! Овде нема никаков авион, никакви хеликоптери. Неколкупати истурија вода и потоа ги снема“.

Пожарникарите се борат со огнот на повеќе фронта. Но,во битката со пламените околу градот Захаро речиси и да немаа шанса: екстремните жештини и силниот ветар само го ширеа пожарот. Дури доцна во ноќта и рано утрово, пожарникарите успеаа да навлезат во неколку околни села. Видоа страшна слика. Само во овој реон пронајдоа триесет загинати. Луѓето испопаѓале по нивите задушени од чадот. Меѓу нив и една мајка со четири деца. Дел од нив сакале да избегаат со автомобили, но останале заробени во пламенот.

Во меѓувреме ветрот попушти. Командантот на пожарникарите во Захаро изјави:

„Се надевам дека со попуштањето на ветрот имаме шанса конечно да ги локализираме пожарите. Ако продолжи да намалува интензитетот на ветрот тогаш веќе попладнево и во текот на ноќта ќе може да ги употребиме сите противпожарни возила“.

Има разбирање за сомнежите на луѓето. Но, и тој е на крај на силите.

„Морам да нагласам дека сме во акција веќе 24 часа. Без пауза. Дел од луѓето овде се на работа 48 часа без престан“.

Се надева дека кога ќе успеат да влезат во селата отсечени од огнот ќе пронајдат само преживеани луѓе. Но, властите сметаат дека бројот на жртвите може да порасне.

Во акција на најпогодениот полуостров Пелопонез се 19 авиони и 18 хеликоптери за гаснење пожар. Лошата вест е дека метереолозите предвидуваат високи температури до 40 степени и во наредните денови. Добрата вест е дека би требало да намали интезитетот на ветрот.

„Ова е национална трагедија“, изјави грчкиот премиер Костас Караманлис кој посети дел од настраданите подрачја.

„Се наоѓаме пред една нерамноправна битка. Се бориме против повисоки сили, и тоа на многу фронтови, во тешки услови. Државата ќе стори се за раните од овој огнен оркан да се излечат“.

Која е причината за пожарите не се знае. За сега нема докази дека некој ги подметнал.