1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Образованието пред стравот од коронавирусот

БГ/ ДПА
1 септември 2020

Учениците се враќаат во училниците ширум Европа и покрај стравот од втор бран на коронавирус. Експертите предупредуваат дека штетата за иднината на младите луѓе е поголема доколку останат дома.

https://p.dw.com/p/3hsL2
Ukraine | Coronavirus | Schulbeginn
Фотографија: picture-alliance/dpa/Ukrinform

Септември значи едно нешто за младите ширум Европа- назад на училиште. Но почетокот на учебната година во 2020 година изгледа малку поинаку. Учениците мора да се прилагодат на превентивните мерки во ерата на коронавирусот и во истовреме да го надокнадат пропуштеното од крајот на минатата учебна година.

Малкумина се сомневаат во неопходноста од враќањето на младите луѓе во образовниот процес. Европските држави му дадоа приоритет на отворањето на училиштата по периодот на историскиот прекин во учењето поради пандемијата.

„Правото на здравје и правото на образование мора да одат едно до друго“, изјави италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанца за време на видео-конференција на Светската здравствена организација.

„Безбедното отворање на училиштата е вистинскиот приоритет во следните недели“, дополни тој. 

Пеење со маска

Германската канцеларка Ангела Меркел го наброи образованието меѓу приоритетите на нејзината влада за време на кризата и вети дека „ќе стори се што е можно да спречи учениците да бидат губитници во пандемијата“.
Во Германија, каде бројни училишта отворија уште во август, дебатата околу хигиенските мерки е фокусирана на носењето маски во ходниците и во училниците. Некои покраини го спроведуваат тоа, други не.

Во Франција, родителите и учениците со заштитни маски чекаа во ред пред училиштата на првиот школски ден. Наставниците и учениците над 11 години имаат обврска да носат заштитни маски, дури и за време на часовите по музичко.

„Можете и да пеете со маската. Пробајте го тоа утрово. Само звукот ќе биде послаб“, порача утрово министерот за образование Жан-Мишел Бланкер.

И покрај стравот од втор бран на коронавирусот, министерот инсистира дека секое училиште во Франција денеска е отворено, и ги повика родителите да не се плашат да ги испратат своите деца во училиште. 

- повеќе на темата: Царовска и Филипче го претставија комбинираниот модел на настава

И во Италија, заштитните маски ќе мора да се носат во ходниците, и насекаде каде не може да се почитува дистанцата од еден метар. Таму училиштата ќе отворат на 14 септември и покрај стравот дека владата се уште не го подготвила системот за враќање на учениците. Во петокот започна испораката на нови, единечни школски клупи кои треба да ги заменат традиционалните двојни, за да се одржи дистанца меѓу учениците. Испораката на новите клупи ќе продолжи до крајот на октомври, а дотогаш владата треба да ги реши и другите логистички проблеми како дистанцирањето во јавниот превоз и во школските автобуси. Проблеми има и со наставниците. Оние кои се со хронични болести веќе најавуваат дека ќе одбијат да се вратат во училниците поради ризикот по нивното здравје.

Frankreich Corona Schulöffnung
Ученици во Франција чекаат да влезат во училиштеФотографија: picture-alliance/abaca/A. Marechal

Училиште без маски

Во други европски држави, властите одлучија да не наметнуваат обврска за носење маски за учениците. Холандија е таков пример и одлуката наиде на големо негодување.

„Не можам да си објаснам: Учениците мора да носат маска во трамвај, но во училишна зграда со илјада луѓе, не е неопходно. А потоа кога ќе заминат дома, дозволено им е да пијат чај само со шест луѓе. Не е логично“, вели Вилфред Флакфелд, директор на училиште во јужен Амстердам.

Учениците не мора да носат маска ни во Полска, каде политичарите инсистираат на важноста од физичко присуство на наставата.

„Фејсбук нема да ги замени вашите училишни другари и Гугл нема да ги замени наставниците“, изјави премиерот Матеуш Моравјецки.

Но локалните власти ја обвинуваат владата дека им ја оставила сета одговорност за спречувањето на ширењето на вирусот.

Слични критики се слушаат и во Британија, каде повеќето деца се вратија во училиштата неделава по жестока дебата за носењето маски, кои не се обврзувачки.

Премиерот Борис Џонсон посети едно училиште минатата недела и порача дека отворањето на училиштата е „морална обврска“. Отфрлајќи ги опасностите од вирусот, Џонсон рече дека е „поштетно за развојот на децата и нивното здравје доколку и натаму останат надвор од училиштата“.