1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обнова на Истокот: пари и добри зборови

29 септември 2010

Обновата на источниот дел по обединувањето на Германија досега чини 1,3 билиони евра. Притоа, одновата на Истокот уште не е завршена: важноста на таканаречениот „солидарен пакт“ истекува дури во 2019 година.

https://p.dw.com/p/PPgx
Заедничкото дело-подем на Истокот, МагдебургФотографија: dpa ZB-Fotoreport

За да се добие попластичен впечаток што значат тие илјада и триста милијарди евра, треба да се има предвид дека сумата е само малку пониска од севкупната развојна помош во светот во изминатите 50 години, која изнесува еденипол билиони евра! Притоа, одновата на Истокот уште не е завршена: важноста на таканаречениот „солидарен пакт“ истекува дури во 2019 година.

Колкава е цената на обновата и досегашните резултати од неа?

Најголема акција на солидарност

Намерникот што денес ќе се прошета низ Дрезден, Кведлинбург, Потсдам или Штралзунд ќе ги види „расцутените пејсажи“, што во 1990 година на граѓаните на поранешната Германска Демократска Република им ги вети Хелмут Кол, тогашниот канцелар на западната, Сојузна Република Германија. Обновата на некогашната Источна Германија трае веќе 20 години и чини 1,3 билиони евра. Тео Вајгел, сојузен министер за финансии од 1989 до 1998 година, зборува за најголема акција на солидарност, што кога било се случила на германска почва. Тоа не наиде само на одобрување, вели Тео Вајгел.

Währungsunion DDR und BRD 1990
Монетарна унија меѓу ГДР и СРГ во 1990 годинаФотографија: picture alliance/dpa

„Пред неколку години, претседателот на Управниот одбор на еден американски концерн ми рече на еден собир: ’Тео, купувањето на ГДР беше лоша зделка, нели‘? Тоа малку ме иритира и му реков ’о-кеј, траеше подолго и чинеше повеќе отколку што очекувавме, вистина е. Но, 18 милиони луѓе денес живеат во слободна демократија’.“

Притоа, првичните сметки не ги измеша толку материјалната обнова на новите источни сојузни покраини, инвестициите во една руинирана инфраструктура, туку комплетниот слом на источногерманското стопанство. Тоа вртоглаво ја крена невработеноста на Истокот, што две третини од парите за обновата мораше да бидат издвоени за социјални потреби.

Истокот се‘ уште заостанува зад Западот

Економските постигнувања во источниот дел до денес не го достигнаа нивото на Западот и по глава на жител изнесуваат само 71 процент во споредба со Западот. Уделот на социјалата во буџетите на источните покраини е за 20 проценти повисок, отколку на Западот на Германија. Лотар де Мезие, последен премиер на Германската Демократска Република, сепак, оспорува дека ова е последица на германското обединување.

Wiedervereinigung West Auto frisst Ost Trabant D Mark
Западот го „лапна“ ИстокотФотографија: AP

„Ние и денес уште многу работи, кои всушност се последица на глобализацијата, ги сметаме за проблем на германското обединување. Тоа се последици на големиот процес на трансформација, кој се одвива глобално во стопанството. Значи, имаме редица проблеми, кои се лепат на обединувањето, но не се проблеми од него“.

Најголемиот проблем е финансиската зависност на Истокот од Западот. Солидарниот пакт, според сегашните планови на германската влада, треба да трае до 2019 година, што значи дека и во наредните години големи износи пари ќе бидат префрлувани од Западот кон Истокот. Потоа финансирањето на источногерманските покраини веројатно ќе биде обезбедено преку таканареченото финансиско порамнување меѓу сојузните покраини, при што побогатите покраини мораат да ги помогнат посиромашните. На Западот тоа се одвива веќе од порано.

Автор: Сабине Кинкарц/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска