1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

USA Kongresswahlen Obama

3 ноември 2010

На изборите за американскиот Конгрес, републиканците освоија мнозинство места. Во Сенатот, пак, демократите загубија две места, но се‘ уште имаат мнозинство. Обама сега мора да ги согледа пропустите.

https://p.dw.com/p/Px4n

Ова е очекувана шлаканица за претседателот. Барак Обама се обиде да направи се‘ како што треба и се‘ одеднаш и сега мора да констатира дека притоа се заплеткал на сите страни. Конзервативците се гневни пред се‘ поради здравствената реформа, за која сметаат дека дозволува неоправдано мешање на државата во нивниот живот. Обама ја пропушти шансата на време да го преземе главниот збор во дебатата. Сега согледува дека не е доволно само да се прави добро, туку за тоа мора и да се зборува.

Дури и верните приврзаници му префрлаат дека не ги поставил прироритетите како што треба. Наместо за здравствената реформа, требаше да се грижи за економијата, велат тие. Тоа Обама и го правеше на почетокот на мандатот, но владата потоа едноставно прерано дојде до заклучок дека конјуктурата се движи добро. Економската криза во Европа му ја помати сметката и невработеноста во САД порасна. Претседателот предоцна сфати дека граѓаните, кога им оди лошо, секогаш го вперуваат прстот во Белата куќа.

Време е да се исполни ветеното

Обама доби шлаканица и од многу верни избирачи, поради многуте „повлечи-потегни“ околу правилото во армијата, според кое хомосексуалците не смеат да служат во армијата ако отворено зборуваат за својата сексуална ориентација. Притоа, Обама, во текот на изборната кампања вети дека ќе ја укине таа практика. Ваквото ветување го спроведе исто толку малку како и ветувањето дека во рок од една година ќе биде ставен клуч на затворот во Гвантанамо.

Christina Bergmann
Кристина Бергман, автор на коментарот

Барак Обама, меѓутоа, најмногу потцени една работа - избирачите во земјата и натаму немаат добро мислење за политичката елита во Вашингтон. Тоа Обама го искористи пред две години кога вети дека ќе ја промени политиката во престолнината. Во тоа не успеа. Освен тоа, јазот меѓу демократите и републиканците е подлабок од кога и да е претходно. Време е Обама да го исполни и ветувањето за „натпартиско“ размислување и дејствување.

Вината за состојбата во земјата постојано да се префрла на републиканците, кои за волја на вистина во изминатите две години најмногу вежбаа да велат „не“, на Обама му помага исто толку малку, како и постојано да покажува со прст на одговорноста на претходната влада. Вистина е дека претходникот на функцијата, Џорџ Буш, ја втурна земјата во криза, но тоа е минато. Вашингтон - тоа денес е Барак Обама. Тој тоа мораше болно да го искуси на овие избори.

Автор на коментарот: Кристина Бергман

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска