1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама реизбран, Ромни го призна поразот

Борис Георгиевски/ројтерс/ап7 ноември 2012

Барак Обама останува претседател на САД и во наредните четири години. Актуелниот шеф на најмоќната светска држава го победи на изборите својот противкандидат, републиканецот Мит Ромни.

https://p.dw.com/p/16dzZ
Фотографија: Reuters

Демократот Барак Обама ќе ги предводи САД во уште еден мандат, откако во извонредно неизвесна трка го совлада својот ривал од Републиканската партија, гувернерот Мит Ромни.

Иако резултатите од изборите се‘ уште не се официјализирани, повеќе од јасно е дека Обама освоил убедливо мнозинство од електорските гласови кои ги дава секоја сојузна држава посебно, во зависност од големината и бројот на населението.

Предизвикувачот Мит Ромни рано утрово го призна поразот во говор пред своите приврзеници во Бостон.

„Тукушто телефонски му се јавив на претседателот Барак Обама да му честитам на победата“, рече Ромни. Тој порача дека во време на големи предизвици за САД, „ќе се моли претседателот да биде успешен во водењето на државата“.

USA Wahl Wahltag 2012 Mitt Romney Eingeständnis Wahlergebnis
Мит РомниФотографија: REUTERS

Според моменталните резултати, Обама освоил 303 електорски гласа (за победа потребни се 270), наспроти 203 колку што на своето конто има Ромни.

Клучни за победата на Обама, како што се очекуваше, се покажаа ткн. „свинг“ држави Охајо, Вирџинија, Њу Хемпшир, Флорида и Ајова.

Според проценките на американските медиуми, Ромни најверојатно освоил повеќе гласови севкупно на државно ниво, но клучно за изборот на претседател се електорските гласови.

Во очекување на победничкиот говор, Обама им се заблагодари на граѓаните на поддршката преку Твитер.

„Ова се случи благодарение на вас. Сите сме заедно во ова. Така ја водевме кампањата и покажавме какви сме“, порача Обама. Во неколку американски градови, а пред се во Чикаго, каде се очекува говорот на Обама, и во Њујорк веќе се слави на улиците.