1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обама им подаде рака на муслиманите

4 јуни 2009

Американскиот претседател Барак Обама, во Каиро, повика на нов почеток во односите меѓу Соединетите американски држави и муслиманскиот свет. Тие, од своја страна, позитивно реагираа на иницијативата.

https://p.dw.com/p/I3So
Претседателот Барак Обама во КаироФотографија: AP

Во говорот на универзитетот во Каиро, очекуван со нетрпение, претседателот Барак Обама рече дека односите треба да се базират врз заемен респект и заемни интереси. „Дојдов овде, во Каиро, да се заложам за нов почеток меѓу Соединетите држави и муслиманите насекаде во светот, базиран врз меѓусебен интерес и почитување. САД и исламот не би морале да бидат конкуренти“, рече Обама.

Obama Rede vor der Universität zu Kairo
Обама во КаироФотографија: AP

Екстремистите ја искористија затегнатоста во односите меѓу западниот свет и муслиманите, дополни Обама. Против екстремизмот во светот мора и натаму да се води борба, смета американскиот претседател. Не смее да има ни малку сомнеж, дека САД насекаде ќе се спротивстават на непријателите. Ал Каеда уби три илјади луѓе во САД, во терористички напади, и затоа мораме да се бориме против неа: „Исламот не е дел од проблемот во борбата против насилничкиот екстремизам, тој е важен дел во процесот, да се поттикне мирот“, рече Обама и истовремено укажа дека проблемите во Авганистан и Пакистан не можат да се решат само со оружје. „Се` додека нашите односи се дефинирни преку меѓусебните разлики ќе ги зајакнуваме оние што повеќе сакаат омраза отколку мир, оние што промовираат конфликти наместо соработка, која може на сите наши граѓани да им помогне да ја достигнат целта за праведност и напредок. Овој круг на сомнеж и неединство мора да се прекине.“

Иран има право да ја користи атомската енергија за мировни цели

Во говорот, претседателот Обама се осврна и на Иран. Иран има право да ја користи атомската енергија за мировни цели, рече тој, но исламската република мора да се придржува до договорот за неширење на атомско оружје. Во контекст, пак, на напорите за изнаоѓање мировно решение за блискоисточниот проблем, Обама истакна дека лично ќе се заложи за решение на две држави. Истовремено побара да се сопре изградбата на израелските населби во палестинските области.

Barack Obama mit Hosni Mubarak Ägypten
Барак Обама со Хосни МубаракФотографија: AP

Американскиот претседател, кој има и муслиманско потекло, на универзитетот во Каиро беше пречекан со аплауз од околу три илјади поканети гости. По говорот, Обама сакаше да разговара со новинари од повеќе исламски земји. Овој разговор, како и поканата до повеќемина критичари на египетскиот претседател Хосни Мубарак, да го следат говорот на универзитетот, покажуваат дека претседателот не бара дијалог само со арапските владетели, туку и со народот.

Муслиманите го ценат потегот на Обама

Владетелот на Дубаи, шеикот Мохамед бин Рашид ал Мактум во еден напис напиша: „Арапите го ценат тоа што претседателот Обама се одлучи во една исламска земја да одржи говор за односите меѓу САД и муслиманите. Многумина од нив последните години се чувствуваа отфрлени од американската надворешна политика.“

По посетата на Каиро американскиот претседател ја продолжува турнејата во Дрезден, каде утре (045.06.2009) ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел. Потоа е планирана посета на поренешниот концентрационен логор Бухенвалд, но и на американската воена база Ландштул. В сабота, Обама ќе учествува на прославата на 65 годишнината откако силите на Алијансата се истоварија во Нормандија во Втората светска војна.

Автор: АТ/ТТ/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска