Обама ги одобри санкциите против Иран
31 март 2012Санкциите се насочени против сите банки и финансиски институции вклучени во трговијата со нагта од Иран. На овој начин претпријатијата ширум светот се ставени пред одлуката-да ја прекинат трговијата со нафта со Иран или трговски врски со САД.
Поинаку формулирано, странските претпријатија кои нема да се придржуваат кон новите строги мерки на владата од Вашингтон мора да стравуваат од исклучување од американскиот финансиски систем. Тоа се однесува на сите странски банки кои имаат деловни односи со Иранската централна банка.
Нафтата-главен извор на иранските приходи
Иран трговијата со нафта ја врши преку својата Централна Банка. Трговијата со нафта и гас сочинува околу 70 проценти од вкупните ирански приходи. Значи, исламската република околу двет третини се финансира од извозот на енергенси.
Американскиот закон со новите санкции треба да стапи во сила кон крајот на јуни. Американскиот Конгрес одлуката за санкциите ја донесе уште во декември. Но, претседателот Барак Обама имаше време до крајот на март за проверка на спроведливоста на донесените санкции од Конгресот и на тоа дали дали понудата на нафта на светските пазари е доволна и без увоз од Иран.
Не се исклучени тесни грла
Во соопштението издадено од Белата куќа меѓутоа се споменуваат можните проблеми. Но, американскиот претседател Обама ја нагласува вербата дека снабдувањето на светските пазари со нафта ќе биде покриено во доволна мера и без количините од Иран. Понудата е доволно голема за да овозможува спроведување на санкциите без нанесување штети на сојузниците. Поради тоа Обама даде зелено светло за почеток на санкциите кон Иран.
ЕУ уште во јануари донесе одлука за забрана на увоз на иранска нафта. Ембаргото ќе започне да се применува од први јули.
Купувачи ширум светот
Најголеми корисници на иранската нафта се Кина, Јужна КОреја, Индија, Франција, Велика Британија, Шпанија, Грција и Италија. Турската нафтена компанија Тупрас соопшти дека ќе го намали својот увоз на нафта од Иран за една петтина.
САД и останатите западни држави го обвинуваат Иран дека работи на производство на атомско оружје. И проверките на Меѓународната агенција за атомска енергија се блиску до ова сомневање. Иран пак категорично ги отфрла обвинувањата и го истакнува цивилниот карактер на својата атомска програма.