1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ноќ кога во Сараево беа убивани книгите и историјата...

Самир Хусеиновиќ / Александар Методијев26 август 2012

Во ноќта меѓу 25 и 26.08.1992 година српските сили на Радован Караџиќ го гранатираа сараевскиот Совет, при што изгореа околу 3 милиони книги. „Тоа беше обид за уништување на цивилизацискиот код на мултиетничката држава“.

https://p.dw.com/p/15wJE
Фотографија: AP

Сараевскиот Градски совет е најрепрезентативното здание од австро-унгарскиот период. На градското раководство на користење му е предадена на 20-ти април 1896 година. Во метрополите во западните земји таа беше позната како симбол на своевидната босанско-херцеговска автономија во рамките на моќното австро-унгарско царство. Во таа зграда, во очи на атентатот на 28-ми јуни 1914-та година, престојувал и австро-унгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд.

Во време на поранешната Југославија, во 1949-та година Градскиот совет е отстапен на користење на Народната и универзитетска библиотека во БиХ. Многу генерации на студенти токму во оваа зграда ги стекнувале своите знаења. Мирела Хуковиќ-Хоџиќ во зимата 1991-ва во читалната го подготвувала испитот по филозофија. Таа се сеќава на денот кога Градскиот совет изгорел.

„Воените ужаси предизвикуваа болка, мачнина и бес, но кога го видов Советот во пламен занемев од шок. Дури тогаш ми стана јасно што е вистинската цел. Намерата на оние кои пукаа беше да го убијат, да го запалат Советот, за засекогаш да се прекинат врските и трагите на нашиот заеднички живот“, вели Мирела Хуковиќ – Хоџиќ.

Sarajewo
Националната библиотека беше симбол на мултиетничноста во Босна и ХерцеговинаФотографија: DW

Тоа се случи во ноќта меѓу 25-ти и 26-ти август 1992. година. Советот беше мета на артилеријата на следбениците на Радован Караџиќ и Слободан Милошевиќ, односно војската на Република Српска и поранешната ЈНА. Зградата беше погодена со многу проектили, по што се запали и сруши. Од огнот се спасени малку книги. Уништени се 80 проценти од книжниот фонд и документите кои сведочеа за историјата на БиХ. Околу три милиони книги и три стотини уникатни ракописи со непроценлива вредност се засекогаш загубени. Советот така повторно стана симбол, но сега за новата димензија на војната во БиХ, симбол на урбицид.

Обид за бришење на свеста за местото на заедничкиот живот

Многумина со неверување гледаа како остатоци од изгорени листови како „црни птици“ лебдат над Сараево.

„Тоа беше обид за бришење на свеста за нас самите, Босанците и Херцеговците и БиХ како место за живеење на сите нејзини народи. Кога ќе уништите пишана трага за цивилизацискиот код кој им припаѓа на сите тие нации кои ја создадоа државата БиХ. Значи, сотрување на сето она што би можело да сведочи дека на овие простори постоеше цивилизациска матрица на сите народи и граѓани на БиХ. Тоа, за жал, во добар дел им појде од рака за извесно време. Меѓутоа, на долг рок тоа не е можно, бидејќи постои свеста во живите луѓе, не само во пишаните документи“, вели театарскиот режисер, книжевник и критичар Градимир Гојер.

Nationale Bibliothek Sarajevo Wiederaufbau Vijecnica
Новата градба на Советот, во којa ќе биде сместена и библиотеката, се очекува да биде завршена до април 2014-та година.Фотографија: DW

Историчарот и министер за култура и спорт во владата на кантонот Сараево, Дубравко Ловреновиќ се сеќава на денот кога е гранатиран Советот.

„Отидов таму и ги следев обидите за спасување на непроценливото културно благо, кое се наоѓаше во таа преубава зграда. За жал, тие обиди само во мал дел вродија со плод. Денес, 20 години по тој настан БиХ повеќе не е онаква каква што беше на тој ден кога гореше Советот. Сега обновата на ова здание се привршува и се надевам дека обновениот Совет повторно ќе го симболизира мултикултурниот дух на БиХ и Сараево. Советот не беше никаква воена цел, а нејзиното страдање треба да се сфати во контекст на општата трагедија на оваа земја и Сараево, кои со палењето на Советот и книжниот фонд апсолутно загубија еден од своите знаци на културниот идентитет“, вели Ловреновиќ.

20 години во урнатини

Во БиХ денес е многу тешко да се најде одговор на прашањето зошто толку долго се чекаше на обновата на Советот. Од крајот на војната во Сараево, така да се каже преку ноќ никнуваа велелепни објекти, градени за различни намени, симболи на некои нови општествени вредности.

„Листата на причини за такво нешто оди на адреса како на поединците, така и на институциите, но јас основната причина ја гледам и во неефикасноста на системот воспоставен во Дејтон, кој форсира хиперинфлација на институции во БиХ. Тоа е систем во кој никој пред никого не одговара“, тврди Дубравко Ловреновиќ.

Во иднина зградата ќе се користи како репрезентативен објект на градската управа. Бидејќи во неа беше сместена библиотеката, Советот ќе ја задржи во функција и библиотеката. Обновата, според плановите на градските власти, треба да заврши до април 2014-та година.