1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Норвешка: островот на птиците во опасност

Томас Маук/Себастијан Штрук/Александар Методијев17 септември 2012

Карпите со птици на островот Рунде се познати далеку надвор од границите на Норвешка. Но, сега тука треба да се вади нафта. Заштитниците на природата се стаписани од моќта на нафтената индустрија.

https://p.dw.com/p/164IS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Целиот е со назабени огромни карпи - островот Рунде на норвешкиот западен брег, на 25 километри југоисточно од градот Алесунд.

Тука има само една улица, две села и 150 жители, кои живеат пред се’ од земјоделство и рибарство.

Всушност, островот не би бил ништо особено, доколку тој не е најомиленото место на илјадници морски птици, кои секоја пролет тука се гнездат. Огромните карпи нудат идеални можности за правење гнезда, посебно на западната страна, каде карпите продираат до 300 метри длабоко во морето.

Papageientaucher brühten auf der Insel Maine
Пафинот е најфотографираната птица на островот и е позната надвор од границите на НорвешкаФотографија: AP

Црно-ноги галеби, тенко-клунести северени нуркачи, бели рибојади или, пак, пафини. 240 видови на птици се избројани на островот Рунде, од кои 70 видови се гнездат тука. Вкупно земено, на островот има повеќе од половина милион парови на птици, кои напролет се борат за најдобрите места.

Алв Отар Фолестад е еден од водечките експерти за птици во Скандинавија. Тој живее на само неколку километри од островот на копно и колку што може почесто ја посетува најголемата норвешка колонија на птици јужно од арктичкиот круг.

„Тука имаме морски гребен, еден од малкуте во овој дел од Норвешка. Потоа, тука ја има и голфската струја, која минува низ северот од Атлантикот и го погодува норвешкиот брег, токму овде напред. И оваа комбинација на океанска вода и крајбрежна вода дава совршена состојба за производство на храна во морето“, вели орнитологот.Алв Отар Фолестад.

Но, овој рај за птиците е во опасност. Првенствено поради климатските промени и интензивниот риболов. Исто така, норвешката влада сега сака да вади нафта во непосредна близина на островот на птиците, во една особено чувствителна област.

„Ние за ова предупредуваме цело време и се расправаме за ова цело време, како нашата орнитолошка организација, така и останатите. А, Норвешка се согласи со многу конвенции и договори за преземање грижа за природата. Но, кога станува збор за енергијата, тогаш се чини како тие да забораваат што рекле. А, тоа е дволично“, вели орнитологот Алв Отар Фолестад.

Dickschnabellummen
Тенко-клунести северни нуркачиФотографија: picture-alliance/Hinrich Bäsemann

Секој ден во сезоната мноштво посетители се искачуваат по карпите. Годишно бројката е до 30.000.

Најголемиот дел од нив доаѓаат поради птицата пафин. Голем дел од нив го прелетуваат половина свет за барем еднаш да ја добијат пред камера малата птица со шарен клун. Тука има орнитолози, љубители на природата и професионални фотографи.

„Јас се обидувам да ги фатам пафините во лет. Можеби подоцна ќе направам и фотографии од блиску, кога светлото нема да биде толку силно“, вели еден посетител.

Ниту една друга птица како пафинот нема добиено толкава популарност. За најголем дел од посетителите малата птица е мешавина од кловн, џуџе и палавко, вели Алв Отар Фолестад.

Да се направи фотографија со пафин, кој во клунот држи мноштво риби, е нешто најпосакувано меѓу посетителите. Пафин со многу храна за своето потомство. Но, тоа ќе стане се’ потешко.

Некогаш тука имаше мноштво харинги, песочни јагули, сардини и ситни риби папалини, а сега ги има се’ поретко. Се’ почесто нуркањата на птиците завршуваат без плен.

Reportage Helgoland Klimawandel in der Nordsee
Доколку при вадењето на нафтата се случи несреќа, таа за кратко време, поради морските струи, ќе стаса на брегот на островот РундеФотографија: DW/I.Quaile-Kersken

Уште од 70-те години на минатиот век многу видови страдаат поради недостаток на храна.

„Сосема е очигледно дека главниот проблем беше интензивиран риболов, иако бројот на харингите одеше надолу. Тоа доведе до целосен колапс на залихите од оваа атлантска харинга во тоа време“, вели орнитологот Алв Отар Фолестад.

Условите за живот во средината и последиците од климатските промени ги заострија проблемите за морските птици. Колониите на црно-ногите галеби се намалуваат. Се влошува и состојбата со тенко-клунестите северени нуркачи. Северниот галеб е речиси сосема исчезнат.

Спротивно на тоа, бројот на некои видови на птици на Рунде се зголеми. Но, вкупната ситуација драматично се влоши, објаснува Алв Отар.

Повеќе од 50 години орнитологот ја набљудува ситуацијата на Рунде и е сведок на влијанијата врз птичјиот свет. Сега кога ќе се вади нафта заканата ќе биде уште поголема од недостатокот на храна. Ако тука се случи несреќа, за кратко време морските струи ќе ја донесат нафтата на брегот.

„Тоа едноставно може овде да ја збрише популацијата на морските птици. А, вам ви требаат само мали количества нафта за да убиете илјадници и илјадници од морските птици. Едноставно, ако се дава приоритет на зголемувањето и зголемувањето на брзината на користењето на ресурсите, некаде на тој пат ќе дојдеме до крајот“, вели Алв Отар Фолестад.

Алв Отар Фолестад во секој случај сака да продолжи да се бори за пафинот да може во иднина без попречувања да ги порасне своите младенчиња.