1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Норвешка: Каде со тоа богатство?

Андреас Стен-Зимонс/Марта Таневска13 септември 2013

Преубава природа, висок животен стандард, ниска невработеност и многу пари - во Норвешка како да нема простор за жалби. Копја се кршат само околу тоа како да се инвестира тоа богатство.

https://p.dw.com/p/19fZW
Фотографија: picture alliance/ZB

Во градината, низ густи стебла, има преубав поглед во далечината се до фјордот Трондхајм. Сонцето само што заоѓа, а водата сјае и се чини како е да од злато. Типична глетка што може да се види во доцните летни денови.Тоа е малиот град Штјордал, кој се наоѓа околу 30 километри од Трондхајм. Во новоизградената населба Гевинг, во убаво уредените семејни куќи полека се палат светлата. Тие привлекуваат комарци и мушички кои, како и секоја вечер во овој период, бараат вечера.

Руне Вист излегува на верандата од својата куќа, опуштено си пие пиво додека со погледот прелетува преку глетката која му е пред очи. „Ова е преубаво место за живот на едно семејство, посебно за деца.Овде е многу помирно и поопуштено отколку во некој град, а со тоа и животниот квалитет е поголем“, вели 41-годишниот вработен во една норвешка банка во Трондхајм. Тој на работа оди со автобус и со истиот се враќа попладне околу 4 часот, дома кај своето семејство.

Високи цени на недвижностите и лоши патишта

По десет години живот во Осло, Вист и неговата сопруга Нина неодамна со своите две ќерки се преселија во својот нов дом. Нивната куќа е „готова“ односно монтажна, која може да се нарача од каталог - 250 метри квадратни, простор со многу светло и стакла, на вкупно три ката. Олку голем простор се разбира дека има и своја цена. „Плативме шест милиони круни. Тоа е околу 750 илјади евра“, вели Нина Вист. Цените на недвижностите во норвешките градови и села, се движат како цените на недвижностите во германските градови. Сепак, кој може, купува. „Со оглед на зголемениот број на доселеници во Норвешка, кои доаѓаат како професионална работа сила, има недостаток од недвижнини, станови и куќи. Затоа во моментов се исплати да купите нешто и потоа да го изнајмувате“, објаснува Руне Вист.

Norwegen Wohngebiet Geving
Во населбата Гевинг животот е мирен и опуштенФотографија: Vegar Sten

Но и покрај тоа, поголемиот број Норвежани, сепак, најмногу инвестираат во својот дом. Во тоа ги поддржува и државата. Младите семејства во Норвешка, веќе на основа на мал сопствен капитал и работен договор, многу едноставно можат да добијат поволен кредит. А што се однесува до работа, во Норвешка речиси сите ја имаат. Процентот на невработеност во целата земја е нешто повеќе од три отсто, а во некои делови е и понизок.

Столтенберг не ги исполни очекувањата

Со други зборови, се поставува прашањето: Имаа ли Норвежаните причина да се жалат? Имено, секогаш кога се објавуваат нови резултати од истражувањето за висината на стандардот и животниот квалитет во европските земји, Норвешка се наоѓа на самиот врв. „Нашите патишта се во лоша состојба, а во таква состојба е и железничката мрежа. Освен тоа, време е да нема веќе питачи на улица. Воопшто, еден поголем процент од парите од нафтените фондови треба да се инвестираат во социјалниот систем. Имаме доволно пари, зошто да не ги вложуваме во областа како што е ова?“, вели соседот на семејството Вист, Стиг Ајкланд.

Дупки на улиците, неколку нелегални доселеници од Источна Европа кои питаат на улиците и неслога за прашањето колку точно пари би требало да се стават на страна за лошите времиња. Тоа се типични проблеми кои ја мачат Норвешка, а на кои повеќето други европски земји само се смеат. Но, во Норвешка тоа се главните теми кои се наоѓаат во фокусот на изборната кампања на парламентарните избори, која започна на 8 септември. Норвешкиот премиер, Јенс Столтенберг од Социјалдемократската работничка партија и покрај угледот кој го има во земјата (посебно по масакрот во Утоја и пропагандата за едно отворено, толерантно општество), според мислењето на многумина често е многу претпазлив. За прашањата на социјалната политика и развој на инфраструктурата, Столтенберг сепак не успеа да ги исполни сите очекувања. Многу Норвежани сметаат дека парите од државните нафтени фондови треба да се вложат во социјалниот систем.

Ölbohrinsel Statoil Norwegen Nordsee
Гасот и нафтата ја направија Норвешка богатаФотографија: picture-alliance/dpa

Куп пари

„Еден дел од парите од државните нафтени фондови (во кои се слеваат парите заработени од гас и нафта од норвешкиот брег) се вложуваат во земјата, во државното пензиско и социјално осигурување, а другиот дел од парите се инвестираат во странство“, објаснува Руне Вист. Тој додава дека норвешките фондови, во меѓувреме, се и сопственици на еден до два отсто од сите акции во Европа. „Норвешка со тоа е најголемиот светски државен инвеститор. Тој фонд моментално располага со околу 560 милијарди евра“, вели Вист, кој некогаш работел како советник за вложувања на големите претпријатија во Осло, но и за државните нафтени фондови. Освен тоа, како што вели тој, богатството постојано расте ако е добро вложено. „Инвестициите се денес поделени на следниот начин: околу 60 отсто од парите се во акции, 35 отсто во обврзници и околу пет отсто во приватна сопственост. Нафтените фондови во Лондон, Швајцарија и САД во последно време вложуваа во недвижнини. Во Лондон, на пример, е купен поголемиот дел од улицата Риџент, во Швајцарскиот централен концерн Кредит Свис, во САД, исто така се купени неколку трговски центри“, вели Вист.

Rune Vist
Руне Вист некогаш работел како советник за вложувања на големите претпријатија во ОслоФотографија: Rune Vist

Дали според негово мислење тоа се добри инвестиции кои имаат смисол? „Во секој случај тоа не е лошо. Вложувањето во недвижнини очигледно се исплати“, вели Руне Вист, кој и самиот неодамна парите ги вложи во семејната куќа. Во ваков случај, како што се чини, животот во иднина во земјата на фјордовите може и понатаму да биде мирен и идиличен како што е досега.