1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов херој на македонскиот алпинизам

9 јуни 2010

Скопјанецот Здравко Дејановиќ деновиве се искачи на највисокиот светски врв, Монт Еверест. Тој е четвртиот Македонец, кој ја испишува историјата во алпинизмот, по Димитар Илиевски-Мурато, Глигор Делев и Сашко Кедев.

https://p.dw.com/p/Nm3B
Дејановиќ на покривот на светотФотографија: Zdravko Dejanovic

Дејановиќ е 45 годишен дипломиран физичар, познат во круговите на планинарите. На 24 мај ехото од Еверест пријатно ја изненади македонската јавност. „Желбата ја добив откако се искачив на Арарат во 2004 година. Тоа е врв во Турција, висок 5000 метри. Потоа се појавија амбициите за повисоки планини. Следната беше Елбрус. Тоа е највисокиот врв во Европа - 5600 метри. Следеше Аконкагва, највисокиот врв на Андите во Јужна Америка над 7000 метри. Уследи пат во Кина во Хималаите. Тоа беше на врвот Муста Гата, висок 7600 метри. Тогаш сфатив дека патот за на Монт Еверест за мене е отворен.“

Дел од руската експедиција

Zdravko Dejanovic, Bergsteiger
Здравко ДејановиќФотографија: Zdravko Dejanovic

Здравко Дејановиќ во големиот потфат влезе како дел од Руска алпинистичка експедиција. „Веќе кога имав можност да бирам со која експедиција ќе одам,мислам дека ја одбрав најдобрата. Тоа е ’Севен самит клуб’ од Русија. Гаранција е искачувањето на Монт Еверест секоја година. Имаат долгогодишно, а не периодично искуство. Се потврди дека мојот избор беше добар.“

Северната страна на Монт Еверест од кинеската страна на највисокиот светски масив, беше насоката. На 23 мај паднала одлуката за форсирање на врвот. „Насоката беше од Северната страна на Монт Еверест, од страната на Тибет. Исполнета е со многу стапици, со многу лавинозни делови. Самиот север зборува за многу пониски температури во однос на Јужната страна. Во текот на искачувањето имавме обилни врнежи од снег. Никој од нас не беше сигурен дека ќе стигнеме на врвот. Изутрината во 8 часот времето се стиша, снегот престана да паѓа. Врвот се’ уште не можевме да го видиме поради временските услови, меѓутоа добивме информација од водичите-шерпаси дека сме на еден час од врвот. Тогаш знаев дека, што и да се случува, тој еден час ќе го изржам!“

Кус престој на покривот на светот

Berg Mount Everest
Фотографија: Zdravko Dejanovic

Брзо поставување на македонското знаме и само десетина минути уживање во глетката од покривот на светот. Дејановиќ објаснува: „Добивме информација од Базниот логор дека ќе уследи невреме со силен ветар и нови врнежи од снег. Моравме под итно да го напуштиме врвот. Тоа беше нашата судбина за разлика од други експедиции, кои седат и по половина час на врвот по убаво и сончево време. Но, јас сум благодарен што бев на врвот.“

Пред нови предизвици

Чуден, тешко објаснив е феноменот на Еверест. Велат ја менува психата на сите оние кои застанале на него: „Јас самиот за себе се чувствувам многу повреден. Си го ценам успехот, бидејќи знам како сум дошол до него. Мислам дека во однос на спортот, а спортот го сакам откако знам за себе, имам длабока сатисфакција. Сега можам мирно да седам и да следам се’ што се случува во спортот.“

Здравко Дејановиќ ужива во оствареното. Скромен, се обидува да го избегне напливот на популарноста. Но, неговите мисли и амбиции се одново врзани за Хималаите. Желба му е да биде предводник на македонска експедиција на Монт Еверест, а новата голема амбиција е да се искачи и на К-2, вториот највисок светски врв, но алпинистите знаат дека тоа е и најтешкиот врв.

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска