1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Нов удар на македонската влада против нејзините противници“

Обработка: Е.М. Фиданоска3 февруари 2015

Под овој наслов весникот „Ноје цирхер цајтунг“ пишува за актуелните случувања во Македонија и случајот „Пуч“.

https://p.dw.com/p/1EUsP
Фотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

Набројувајќи ги настаните од викендот во Македонија и отворањето на случајот „Пуч“, авторот Андреас Ернст во текстот објавен денеска во „Ноје цирхер цајтунг“ (НЦЦ), наведува и дека веднаш имало реакција од канцеларијата на Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини. Во реакцијата е оценето дека обвинувањата се тешки и дека е неопходна независна и транспарентна истрага, пишува НЦЦ и продолжува:

„Високата претставничка за надворешна политика e загрижена поради влошувањето на политичкиот дијалог во земјата. Тој навистина веќе подолго време е на нула. Речиси една година опозицијата го бојкотира парламентот. Таа ја обвинува власта за изборна измама. Тоа е кусовид поглед на нештата. Не е спорно дека национално-конзервативната влада постојано добива мнозинство гласови. Таа е победник на изборите од 2006 година наваму. Тие избори се слободни, но не се фер. Со строга контрола на медиумите, благодарение на добро подмачкан систем на државен непотизам и по потреба преку влијание врз правосудството, премиерот Груевски создаде систем кој жилаво се држи на власт и покрај катастрофалната економска состојба. Сепак, вина за тоа има и опозицијата. Таа страда од хронична лидерска слабост. Наместо со напорна работа во базата да се погрижи за мобилизација на незадоволните и оние кои страдаат во земјата, таа го бојкотира парламентот и се самосожалува“, се вели во текстот на НЦЦ под наслов „Нов удар на македонската влада против нејзините противници“.

Печатот на германски јазик денеска и‘ посветува голем простор и на посетата на германската канцеларка Меркел на Унгарија и состојбите во таа земја.

Symbolbild deutsche Presse Presseschau
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ оценува:

„Меркел го потсети Орбан дека единственоста на ЕУ кон Русија е ’високо добро’. Фактот дека таа мораше да го стори тоа има врска и со начинот на владеење на Орбан во Унгарија. Тој без сомневање излезе како победник од демократски избори, но под негово раководство Унгарија почнува да скршнува од демократскиот пат. Унгарија е далеку од тоа да стане како Русија, но со оглед на тоа што Орбан го вели за критичките медиуми, невладините организации и ’нелибералната демократија’, се наметнува сомнеж дека тој би сакал радо да биде така.“

„Фолксштиме“ од Магдебург подвлекува:

„И покрај пледоајето на Меркел за слободарски демократски поредок, унгарскиот премиер безмилосно ќе го спроведува својот автократски стил на владеење. Зашто, Орбан сака да профитира од ЕУ, но одамна намигнува кон Русија. За две недели рускиот претседател Путин доаѓа во Будимпешта. Со руски пари треба да се изградат две нуклеарни централи во Унгарија. Има и политичка блискост - она што во Русија се нарекува ’управувана демократија’, во Унгарија се вика ’нелиберална демократија’. Ништо од слободарството. Но против тоа ниту германската канцеларка ниту ЕУ имаат нешто повеќе од опомени.“