1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов модел на недискриминација

21 септември 2010

До конституирање на Комисијата за заштита од дискриминација - најважен механизам во законот за борба против дискриманција, кој треба да стартува на први јануари наредната година, остануваат уште нецели 4 месеци.

https://p.dw.com/p/PHww
Фотографија: Petr Stojanovski

Новиот закон за спречување на разните видови дискриминација треба да обезбеди институционална заштита на граѓаните и градење јавна свест против дискриминирањето - беше речено на вчерашниот форум на тема „Заштитата од дискриминацијата во законодавството на Македонија“, во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка од Скопје, невладината организација „Месечина“ од Гостивар и Институтот за меѓународна соработка на Правниот факултет на Државниот универзитет во Тетово.

„Етничката дискриминација – доминантна“

Професорката Фатмире Љумани од овој факултет се задржа на, според неа, етничката и политичката дискриминација врз Албанците во Македонија:

„Ниту Охридскиот договор не ги обезбеди целосно правата на Албанците. Тие права се унапредени споредено со состојбата од порано, но, сепак, не е постигната целосна рамноправност на Албанците. Во една демократска држава правата на луѓето не се набљудуваат од призмата на процентите, од тоа колку ги има бројно.“

Fatmire Ljumani
Фатмире ЉуманиФотографија: DW

Нејзиниот колега, професорот Агим Нухиу, во истиот контекст нагласи: „Наспроти донесувањето на законот за заштита од дискриминација, во Македонија и натаму постои овој феномен, но доминантна форма е дискриминирањето врз основа на етничката припадност. Ова се забележува во решенијата на донесените закони, како и во нивната примена.“

Мухамет Точи од ромската невладина организација „Месечина“ вели:

„Ромите во Македонија не се протеруваат надвор од неа, како што сега е случајот со Ромите од Франција. Ромите од Македонија и не можат да бидат протерувани, бидејќи се тие нејзини државјани. Од земјата не се бркаат ниту припадниците на ромскиот народ, кои тука се засолниле од Косово.“

Но, Точи, предупредува:

„Постои протерување на Ромите од јавните објекти, на пример - од кафулињата, токму поради нивната етничка припадност. Има протерувања на Ромите од различни ресторани, од базени низ државата.“

Muhamet Toci
Мухамет ТочиФотографија: DW

Сашо Клековски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, во расправата посочи на една од суштинските новини во законот - Комисијата која треба да се основа и натаму да се грижи за спроведувањето на овој законски акти:

„Комисијата за заштита од дискриминацијата ќе има важни функции: да постапува според поплаките и претставките на граѓаните, ќе треба да им обезбеди правна заштита, а ќе има функција и во градењето на јавната свест во врска со дискриминацијата. Оваа комисија ќе треба да се конституира до 01.01.2011 година, кога ќе треба да започне примената на односниот закон.“

„Жената - Албанка во Македонија доживува и етничка и родова дискриминација“

Во расправата во амфитеатарот на Правниот факултет на Државниот универзитет во Тетово се слушнаа критички тонови и во врска со родовата дискриминација. Д-р Фатмире Љумани во тие рамки рече:

„Положбата на жената во општествено-политичкиот живот е инфериорна и подложна на влијание од феноменот на дискриминацијата. И покрај фактот што постојат закони за заштита од родова дискриминација, овој феномен постои во примената на цела серија на културни, образовни и општествени прашања, како и на работните односи.“

За Дојче веле таа подвлекува дека жената-Албанка во земјата е подложена на двојна дискриминација:

Saso Klekovski
Сашо КлековскиФотографија: DW

„Албанската жена е дискриминирана двапати: и врз етничка основа и врз основа на родовата припадност како жена.“

Илбер Села, професор на Штуловиот универзитет во Тетово, во дебатата во овој форум го изнесе следниот став:

„Почитувањето на слободите и правата на човекот, како и институционалната заштита од дискриминацијата е еден од предизвиците, пред кои е исправена Македонија на патот на своето евроинтегрирање. Но, таа се‘ уште не постигнала целосна демократска консолидација за да функционира како правна држава, во која ќе има полно почитување на слободите и правата на човекот и граѓанинот без никакво разликување.“

„Не е гарантирана независноста и одвоеноста на Комисијата за заштита од дискриминација од политичкиот фактор“

Дојче веле побара мислење и од Мирјана Најчевска, експерт за човекови права и професорка во Институтот за социолошки и правно-политички истражувања од Скопје, околу сегашната легислатива против дискриминацијата. Таа истакнува:

Mirjana Najcevska
Мирјана НајчевскаФотографија: Mirjana Najcevska

„Самиот закон за дискриминација има во себе редица содржински и системски пропусти, кои создаваат недоверба дека тој ќе може навистина да го адресира проблемот. Комисијата која е предвидена со него е структурирана на таков начин што не се гарантира нејзината независност и одвоеност од влијанието на политичкиот фактор. Има и еден многу чуден елемент во преодните одредби на законот: не е предвидено усогласување на другите национални закони со овој акт.“

Најчевска нагласува:

„Во овој момент македонскотo законодавство не нуди ефективна заштита против различните видови дискриминација, а тоа може да се констатира и за капацитетите на судовите и другите правосудни органи да реагираат во услови на дискриминација.“

За денеска (21.09.2010) во Скопје е најавена промоција на публикацијата на професорката Најчевска и Александра Тасевска, која е насловена „Анализа на меѓународните стандарди и најдобри практики и постојните национални закони, политики и планови на антидискриминаторската легислатива“.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска