1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов земјотрес ноќеска го разбуди Скопје

Катерина Блажевска14 септември 2016

Ноќешниот потрес, кој се случи по 17 часа од претходниот, според сеизмолозите, е знак дека тоа се последните афтерошкови кои ќе бидат се поретки, се додека тлото целосно не се смири.

https://p.dw.com/p/1K1eE
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Откако граѓаните на Скопје вчера поминаа мирен ден, нов земјотрес ноќеска повторно го стресе главниот град. Во 1 часот и 32 минути скопјани ги разбуди и вознемири нов потрес од 3 степени по Рихтеровата скала. Според Европско-Медитеранскиот сеизмолошки центар, тој бил на длабочина од 5 километри, со епицентар на 6 километри североисточно од Скопје, односно, на 6 километри западно од Арачиново и на 3 километри од селото Црешево.

Во истиот реон беа регистрирани и другите потреси, а најсилниот се случи во неделата во 15 часот и 10 минути со магнитуда од 5,3 степени. По него биле регистрирани околу 100 афтершокови со различна јачина, од кои дел многу слаби, па граѓаните и не ги почувствувале. Таков беше претпоследниот потрес регистриран вчераутро во 8 часот и 11 минути со магнитуда од 1,5 степени. Граѓаните не го почувствуваа, за разлика од претходниот во понеделникот во 19 часот и 53 минути, кој беше со јачина од 4 степени по Рихтер и предизвика голема вознемиреност и страв.

Ноќешниот потрес, кој се случи по временска дистанца од 17 часа од претходниот, според сеизмолозите е знак дека тоа се последните потреси, кои ќе бидат се поретки, се додека тлото целосно не се смири. Но, кај граѓаните стравот и натаму е посилен од магнитудата. Веднаш по потресот дел од оние кои живеат во висококатници повторно излегоа на улиците, поради страв од нови афтершокови. По еден час повторно се вратија во своите домови.

Серија земјотреси предизвикаа паника во Скопје

Стабилноста на објектите не е загрозена

Серијата земјотреси кои од неделата наутро го погодија Скопје, освен страв и вознемиреност, не предизвикаа конструктивни оштетувања на станбените објекти. Одредени напукнувања има само кај преградни ѕидови и доградби. Од Институтот за земјотресно инженерство и сезмологија Скопје (ИЗИИС) чии екипи посетија околу 60 јавни објекти во градот, информираа дека Земјоделскиот факултет, Апелацискиот суд, неколку болници и градинки, три училишта и повеќе станбени згради имаат штети од земјотресите, но дека тие оштетувања не се во конструктивните делови на објектите и дека нивната стабилност не е доведена во прашање. Некаде ѕидовите се одделени од конструктивните елементи и може да се случи да падне малтер или цигла, поради што и има препорака одредени простории да се затворат и да не се користат додека не се санира оштетувањето.

Што се однесува до индивидуални станбени објекти, досега околу 500 граѓани пријавиле штети на телефонски број 195. Пријавите се најчесто за оштетени фасади, скршени прозорци, оштетени покриви, паднати плафони, штети на возила и друго. Увидот на оштетувањата кај индивидуалните куќи треба да биде направен исклучиво за проценка на безбедносниот аспект за живеење во нив, а не за проценка за надомест за штетата.

„Бројот 195 е во функција на граѓаните за да се пријават потреба од проценка на безбедност на објектот, на неговата функционалност, како и дали е безбеден за престој“, прецизираа од Центарот за управување со кризи.

Засега најголемо внимание е посветено на безбедноста на образовните и згрижувачки институции -училишта, факултети, градинки... Од Општина Центар информираа за регистрирани напукнувања на ѕидот во едно училиште и во две градинки. По проверката од екипи на ИЗИИС, Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Општина Центар, забранети се за користење две училници во основното училиште „11 Октомври“, а во градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ и во клонот „Јасмин“ на градинката „13 Ноември“, поради паѓање на малтер во некои простории децата се згрижени во други простории. Од Општината велат дека наставата и згрижувањето на децата се одвиваат непречено.

Институциите да се обратат до граѓаните

Но, состојбата е секаде различна. Некаде отсуството од настава е поголемо, особено во пониските одделенија, а од Министерството за образование велат дека тие не можат да донесат одлука за затворање на училиштата, ниту да влијаат врз индивидуалната одлука на родителите, туку чекаат инструкции од Управувачкиот комитет за справување со кризи. Некои од општините самите веќе презеле одредени мерки. Во училиштата во општината Ѓорче Петров биле поставени знаци за насоки за движење при евакуација на децата и на персоналот. Испратени биле пишани известувања во секоја училница за однесување на децата и на наставниците за време на земјотрес, а биле одржани и две показни вежби на кои учество земале сите ученици и наставници од училиштата.

Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, вчера порача дека институциите мора подготвени да ги дочекаат земјотресите, бидејќи најголем хаос владее во образованието.

„Училиштата немаат никакви насоки и се оставени сами на себе, стихијно да носат одлуки што ќе прават со наставата. Некои држат настава, некои ги враќаат учениците дома, а има и такви во кои една смена има нормална настава, а во друга смена нема никаква настава. Бараме итно, таму каде што е безбедно, да има настава, да се организираат итно обуки и за наставниот кадар и за учениците како да се однесуваат во случај на нови потреси. Неопходно е да се спроведат брзи обуки на сите нивоа, а институциите мораат јавно да се обратат на граѓаните, за тие да добијат конкретни планови што да се прави при вакви ситуации“, рече Манчевски, додавајќи дека паниката најчесто произлегува од незнаење и од неинформираност.