1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новогодишно обраќање на канцеларот Шредер

31 декември 2003
https://p.dw.com/p/AcQz

Драги сограѓани,

Страшен земјотрес пред неколку дена го разурна градот Бам во Иран. Природната катастрофа предизвика огромно човечко страдање. Илјадници луѓе загинаа. Десетици илјади се без покрив над главата. Само неколку часа по веста за катастрофалниот земјотрес, од Германија тргнаа хуманитарци и екипи за помош, за да трагаат по закопаните под урнатините. Стотици илјади Германци го користат интернетот за да донираат пари за жртвите. Големото сочувство и подготвеност да се помогне покажуваат дека ние Германците знаеме дека сме дел од еден свет. Катастрофи, војни, насилство или тероризам - се' тоа не' допира, дури и кога е илјаднции километри далеку од нас.

Понекогаш можеме да помогнеме со донации, некогаш мораме да ангажираме војници за да ја оправдаме нашата одговорност за овој - само еден свет. Но, одговорноста Германците ќе можат да ја носат на долг рок, само ако земјата остане силна. И, тука се подразбира и економски силна.

Во годината што измина реагиравме на големи промени. Реагиравме на големото влијание на глобализацијата врз стопанството. Почнавме да ги прилагодуваме социјалните системи на фактот дека очекувањата за среќен живот растат, но бројот на новородени постојано опаѓа. Се обидовме да ги направиме поатрактивни работата и создавањето работни места, за конечно да излеземе од фазата на економска стагнација. За дел од вас, драги сограѓани, определени мерки се поврзани со ограничувања и откажувања. Тоа го знаеме. Но, ве уверувам дека правиме напори за праведно делење на товарот денес, за да можеме шансите праведно да ги делиме и утре.

И во новата година ќе работиме на тоа Германија да ја направиме силна и кон иднината ориентирана, во сите сфери, за да можеме да ги потрвдиме нашите први места во светот и да го вратиме загубените први позиции.

Драги сограѓани, веќе со Новата година стартуваат голем број промени согласно Агендата 2010. При овие промени, ми беше важно да се намалат даноците за сите. Така економскиот полет, кој веќе јасно се исцртува, добива на брзина. Впрочем, не заборавајте дека натамошниот тек на економијата во Германија, во голем дел лежи во вашите раце. И вие лично можете да бидете мотор за конјуктурата - вашата доверба во иднината соодлучува за работното место на вашиот сосед!

Поголема сопствена одговорност е и клучниот збор за здравството. Не можеме и натаму да ги зголемуваме придонесите, зашто така работата во Германија ќе стане прескапа. Не можеме на младите да им оставиме огромен товар поради зголемените давачки на општеството кое старее. Но, сакаме, и натаму на сите Германци на располагање да им стои медицински неопходното, и тоа независно од личниот доход и возраста. Германскатта социјална држава е заедничко дело на нашите дедовци и баби, на нашите родители, и не како последно и на нас самите.

Драги сограѓани,

Како што ни покажуваат различни студии, мора да го браниме нашето име на образована нација. Сакаме да ја видиме Германија на врвот во светот во делот на иновации, пронајдоци, истражувања и техника. Сакаме жените да се осмелуваат на раѓање повеќе деца, младите луѓе подобро да ги усогласуваат семејството и професијата. Затоа на покраините им даваме милијарди за изградба на установи за згрижување на децата.

За новата година си поставивме многу задачи. Дел од нив ќе бидат можни за остварување само со помош на другите партии. Се надевам дека и покрај претстојните изборни борби, тоа ќе биде можно.

Ако Германија решително се модернизира, тогаш од тоа не профитира само нашата земја. Цела Европа гледа и се надева во нашите напори. И ние гледаме и се надеваме во Европа. Зашто заедно се залагаме за порамнување на интересите, за силни меѓународни партнерства и за политиката на ОН. Ви посакувам вам и на вашите семејства радосна и здрава, мирна и успешна Нова година.