Новогодишна шопинг еуфорија
30 декември 2008Најголем пример дека земјата ја зафатила новогодишна потрошувачка еуфорија е главниот град Скопје. Луѓето купуваат подароци, се снабдуваат со украси, елки, обувки, накит, облека, па дури и со уметнички слики. Во маркетите за храна и на пазарите се чека во редици. Граѓаните се задоволни од богатата понуда и не се грижат за цените.
На украсениот централен плоштад кружи мал воз, а тука има и еден куп Дедо Мразовци, кои се фотографираат со децата. Сите елитни, но и помалку ексклузивните ресторани и кафулиња се веќе букирани за новогодишната ноќ. Од продажбата на аранжманите се задоволни и туристичките агенции.
Македонците не сакаат новогодишно-божикната атмосфера да им ја расипуваат песимистичките прогнози за наредната година. Се вели дека 2009-та ќе биде тешка година за македонската економија, но таа е навикната да функционира во кризни времиња.