1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови шест претседателски години за Путин

5 март 2012

Новиот претседател на Русија повторно се вика Владимир Путин. Сепак, неговиот избор мина со обвинувања за фалсификат. Опозицијата сака денеска (05.03) да демонстрира во Москва.

https://p.dw.com/p/14Ewz
Фотографија: dapd

Владимир Путин победи на претседателските избори во Русија, но се чини дека не се чувствува доволно безбедно. Центарот на Москва на изборниот ден беше како опседната тврдина. Илјадници полицајци го опколија Кремљ, Црвениот плоштад и споредните улици, каде Путин доцна во ноќта славеше како супер ѕвезда пред илјадниците сопартијци. А, со тешки воени возила беше обиколена и Централната изборна комисија, во која беа соопштени првичните официјални резултати.

Колку беше чиста победата на Путин?

65 проценти од речиси 110 милиони Руси со право на глас гласале за Путин. На второ место е претседателскиот кандидат Генадиј Зјуганов со 17 проценти гласови. Никој не се сомнева дека во моментов Путин е најомилениот политичар во земјата. Но, дали изборите беа слободни, фер и чисти, како што рече Путин пред сопартијците во Москва?

KP-Vorsitzende Gennadi Sjuganow bei einer Demonstration in Moskau
Генадиј Зјуганов: Изборите не беа легитимниФотографија: picture-alliance/dpa

Опозицијата на тоа гледа поинаку. Претседателските избори не беа легитимни, рече во ноќта по изборите лидерот на комунистите Генадиј Зјуганов. Целата државна машинерија работеше само за еден кандидат – Владимир Путин. Зјуганов и неговите поддржувачи информираа за бројни прекршувања на изборниот процес и притоа се повикаа на набљудувачите.

Илјадници Руси се ангажираа како набљудувачи. Меѓу нив беше 24-годишниот претприемач од Москва Јаков Лифшиц, кој забележал нерегуларности.

„На гласачката листа имаше маркирано одредени имиња. Се обративме за тоа кај претседателот на Комисијата и обележувањата беа отстранети“, информираше Лифшиц, кој настанот го снимил со својот телефон.

Илјадници прекршувања

Набљудувачите како него сега се надеваат во набљудувачите од невладините организации – дали тие ќе информираат за нерегуларности на претседателските избори? Се информира дека се регистрирани повеќе од 2.000 неправилности за време на гласањето. Камерите поставени на избирачките места регистрирале како се полнат гласачките кутии, објави во Москва Елена Бичкова од граѓанската коалиција „За фер избори“.

Russland Wahlen Moskau Jakow Lifschiz Wahlbeobachter in Moskau
Јаков Лифшиц, еден од набљудувачитеФотографија: DW/R.Goncharenko

И набљудувачите од невладината организација „Голос“ нотираа повеќе нерегуларности. Експертите од оваа организација ги споредија нерегуларностите со оние од парламентарните избори одржани во декември. Посебно се нагласува разнесувањето на гласачите со автобуси, за да гласаат на повеќе избирачки места.

Во Централната изборна комисија има скепса за ова. Ќе има многу зборување за измама, но треба да се почекаат доказите, рече заменик-претседателот Станислав Вавилов.

„Целите најчесто се поинакви. Се сака да се направи самопромоција и бука. Доброто лице на лошата игра. Приговорите често се лошо напишани и нема докази. Освен тоа, приговорите се испраќаат до погрешни инстанци или судови“, рече Вавилов.

Протести во Москва

Во Москва се зголемува тензијата по изборите. За денеска (05.03) повторно се најавени масовни протести. На плоштадот „Пушкин“ се очекува вечерва да се соберат околу 10.000 демонстранти, организирани од движењето „За слободни избори“. Собирот треба да покаже дали по изборите ќе може слободно да се протестира.

Proteste Opposition Russland
Вечерва треба повторно да има протестиФотографија: picture-alliance/dpa

Од министерството за внатрешни работи веќе се заканија со консеквенци за оние кои „сакаат одобрената протестна манифестација да ја претворат во нелегален марш“.

Автор: Роман Гончеренко / Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска